Македонските спортисти по два изминати дена на 2-те Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија (21-30 јуни), се без опипливи резултати на спортските терени.
ЕИ на стадионот Динамо во Минск, за отворени ги прогласи претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, а македонското знаме на церемонијата на претставување на државите го носеше боксерот Гоце Јанески.
Македонија во Минск настапува со 12 спортисти во осум спорта, и тоа во борење слободен стил, бокс (по тројца), карате, џудо, кајак, стрелаштво, велосипедизам, улична трка и хронометар и во самбо (сите по еден), што значи дека жолто-црвената доминира во боречките спортови (деветмина). Во Минск учествуваат над 4.000 спортисти од 50 држави во 15 спорта, односно во 23 дисциплини, од кои осум се застапени и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година.
На првите ЕИ во Баку (Азербејџан) во 2015 година (23 спорта), Македонија настапи со 45 учесници во девет спорта (атлетика, гимнастика, борење, карате, џудо, кајак, пливање, самбо и стрелаштво), а со бронзени медали се закитија каратистите Емил Павлов и Мартин Несторовски. Павлов, кој е и двократен европски првак, настапува и годинава и е наш најголем адут за освојување медал.