Американскиот претседател тврди дека Европската централна банка се обидува да ја зајакне европската економија и да го ослабне еврото за да стекне конкурентска
предност во однос на САД
За американскиот претседател Доналд Трамп, економијата отсекогаш била игра на нулта сума. Ако една земја победи, тогаш САД мора да загубат. Тоа гледиште стана јасно неделава, кога Трамп ја обвини Европската централна банка (ЕЦБ) дека се обидува да ја зајакне европската економија и да ја ослабне својата валута за да стекне конкурентска предност во однос на САД.
Трамп ги насочи своите критики кон претседателот на банката Марио Драги, кој во говор на 18 јуни изјави дека ќе биде потребен дополнителен стимул за да ѝ се помогне на Европа да ги издржи економските предизвици со кои се соочува, вклучувајќи го и зголемувањето на протекционистичките закани што произлегуваат од трговската војна на Трамп. Таквите коментари веднаш предизвикаа реакција на европските финансиски пазари и еврото драстично се намали во однос на доларот.
Трамп, во низа твитови, го обвини Драги дека намерно ја урива вредноста на еврото за Европејците да можат „неправедно полесно да се натпреваруваат со САД“.
– Тие со години се извлекуваат со ова, заедно со Кина и со другите – тврди тој.
Во изјава во Белата куќа подоцна истиот ден, Трамп рече дека Драги направи нешто „многу драматично и тоа му помогна на тој дел од светот“.
Трамп ги гледа меѓународните економски политики низ многу тесна призма, забележувајќи само како одлуките влијаат врз САД, додека обидите на другите земји да им помогнат на нивните економии ги смета за спротивни на интересите на Америка. Тој постојано ги обвинуваше Федералните резерви на САД дека ја ставаат државата во неповолна положба во однос на Кина, Европа и на други делови од светот, со зголемување на каматните стапки. Истовремено, ја повика централната банка да преземе чекори за зајакнување на американската економија, вклучувајќи мерки како намалување на стапките и обновување на стимулативните програми од времето на кризата.
Трамп посочи дека ќе размисли за разрешување на претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, ако централната банка на САД не се согласи на олеснување на економските политики. Федералните резерви ги оставија непроменети каматните стапки неделава по дводневниот состанок за стратегиите на банката. Но многу економисти очекуваат официјални претставници на Федералните резерви да сигнализираат дека се подготвени да ги намалат стапките наскоро ако забавената глобална економија и ескалацијата на трговските тензии ги загрозат изгледите за економски пораст на САД.
– Ќе видиме што ќе се случи. Брзо ќе излезат со соопштение, па ќе видиме што ќе се случи – одговори Трамп на прашањето пред состанокот на банката дали ќе направи потег без преседан и ќе го разреши Пауел од челната функција.
Само пред неколку месеци, централните банки ги активираа кочниците на нивните брзорастечки економии или, во случајот со Европската централна банка, ги деактивираа итните мерки што беа воведени за време на последната криза. Но сега луѓето што управуваат со монетарната политика го менуваат курсот поради новите закани за економскиот пораст, вклучувајќи ги и трговската војна на Трамп, ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран и зголемувањето на стравот од рецесија.
Трговските војни на Трамп се зголемија во изминатите неколку недели, зголемувајќи го ризикот од забавување на економскиот пораст. Тој се закани со царини за мексиканските производи пред да се откаже од намерата, а на Јапонија и Европа им даде шест месеци да постигнат трговски договор со САД или, во спротивно, да се соочат со царини. По прекинот на разговорите со Кина, Трамп ги зголеми царините на кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари и рече дека ќе воведе царини за дополнителни стоки од 300 милијарди долари ако тој и кинескиот претседател Си Џинпинг не успеат да постигнат договор. Двајцата лидери идната недела треба да разговараат на самитот на Г20.
Ефектите од трговската војна на Трамп ја повредија Европската Унија, а особено нејзината најголема економија, Германија. Трговската тензија доведе до пад на трошењата и бизнис-активностите: целосното германско индустриско производство драстично се намали во април – падна за 1,9 отсто во текот на месецот, наспроти очекуваните прогнози за пад од 0,5 отсто.
Глобалниот пораст може да има корист ако ветувањата на Европската централна банка успеат да спречат поголемо забавување, од што ќе профитираат и САД доколку активностите на Драги ги спречат пошироките економски тешкотии на трговските партнери. Но за претседателот Трамп, кој глобализацијата ја смета за негативна појава, овие врски повеќе изгледаат како начин да им се наштети, а не да им се помогне на САД.
На пример, Трамп почна да ги изедначува валутните текови со монетарната политика. Валутите флуктуираат како одговор на одлуките за каматните стапки на централните банки, но тоа генерално не е експлицитна цел на креаторите на политиките. Официјалните претставници се насочени кон мерки на економски пораст, а не на вредноста на еврото или на доларот.
Претседателот Трамп е фиксиран на промените на вредноста на еврото и кинескиот јуан во однос на американскиот долар и како сето тоа се вклопува во монетарната политика на државата и на другите земји во светот. Тој лани твитна за нефер услови, а неговиот трговски советник Питер Наваро поведе слични напади врз Германија за манипулација со валутата.
Со фокусирање на позициите на Европската централна банка само во однос на тоа како тие би влијаеле врз вредноста на еврото во однос на доларот, се занемаруваат пошироките предности на монетарната политика.
Федералните резерви на САД и другите централни банки во светот управуваат со нивните домашни економии преку менување на краткорочните каматни стапки и купување обврзници. Таквите мерки, без манипулирање на девизниот курс, се клучни за глобализираната економија со флуктуирачки валутни текови. Тие им овозможуваат на големите држави да ја одржат економската активност во рамнотежа, без да резултираат со валутни битки што би станале трка до дното и би ризикувале да ги игнорираат другите цели на монетарната политика, како што е контролата на инфлацијата.
Од своја страна, Драги негираше дека се обидувал да им даде неправедна предност на европските компании.
– Ние не се фокусираме на девизниот курс – рече Драги, во придружба на економистите и централните банкари, кои неделава се собраа во Португалија, на годишниот форум за централно банкарство на Европската централна банка.
Лари Кудлоу, директор на Националниот економски совет на САД, пак, вели дека се согласува со загриженоста на Трамп.
– Претседателот е загрижен дека на валутниот пазар има одредени политики што им одговараат на едни држави, а се штетни за други. Секако дека ќе биде подобро да има валутна стабилност наместо да се манипулира со валутите од трговски или од други макроекономски причини – изјави тој.
Земјите од еврозоната беа погодени од новите царини на Трамп за увоз на челик и алуминиум, а нивните компании, исто така, се најдоа на нишан откако администрацијата на Трамп ги заостри тензиите со Кина. Ефектите од сето ова особено се чувствуваат во фабриките од Германија, а претседателот Трамп се закани со царини за автомобилите, што ќе им наштети на германските производители на автомобили, фрлајќи нова сенка за можностите за подобрување на економските и трговските услови.
Драги претходно овој месец сигнализира дека Европската централна банка се подготвува да ги заживее стимулативните мерки што се користеа за борба против должничката криза што почна во 2010 година. Но на панел-дискусија на Форумот на централните банки неделава, тој јасно стави до знаење дека неговите претходни изјави сигнализираат значителна промени како одговор на климата на сеприсутна економска несигурност. Драги претходно рече дека централната банка ќе дејствува ако економската ситуација се влоши. Но сега е точно обратното: банката ќе дејствува, освен ако ситуацијата не се подобри.
– Ова е токму поради таа бавна несигурност што сама по себе претставува материјализација на ризикот – изјави Драги.
Осумгодишниот мандат Драги ќе заврши во октомври, а неделава европските лидери во Брисел разговараа за изборот на неговиот наследник. Најавувајќи акција од централната банка веднаш штом ќе се одржи следната средба за монетарна политика на 25 јули, Драги можеби ќе успее ги увери финансиските пазари дека економскиот стимул ќе остане долго по неговото заминување. Неговите зборови можеби се еден вид превентивен удар во случај неговиот наследник да биде конзервативец како Јенс Вајдман, член на управниот одбор од Германија, кој се смета за водечки кандидат. За него се вели дека е помалку подготвен агресивно да се бори против економското забавување.
Во декември, Европската централна банка престана да ги дополнува своите резерви од државни и корпоративни обврзници, кои ги купуваше во големи количества за да ги намали каматните стапки. Но во март, кога трговската војна на Трамп ја наруши глобалната економија, официјални претставници покажаа знаци дека се премислуваат и ја обновија програмата со намера да ги поттикнат банките да им позајмат повеќе на компаниите и на потрошувачите, како мерка за спречување на рецесијата. Драги неделава предложи дека банката е подготвена да оди многу подалеку, преку дополнување на државните и корпоративни обврзници од 2.600 милијарди евра, кои беа купени во изминатите години како дел од т.н. програма за квантитативно олеснување. Купувањето обврзници е форма на печатење пари, бидејќи централната банка ги купува со новосоздадени евра. Референтната каматна стапка на централната банка е веќе нула и не може да оди пониско. Сепак, Драги вели дека банката може да ја зголеми т.н. негативна каматна стапка на депозитите на комерцијалните банки во централната банка. Стапката во моментов е минус 0,4 отсто, и претставува еден вид казна на депозитите и е начин да се поттикне банките да ги вратат парите во економијата.
Федералните резерви не сигнализираат дека се подготвени да одат толку далеку како Европа. Порастот во САД е умерен, но економијата останува силна. Пауел во почетокот на годината посочи дека банката се оддалечува од стратегијата на постојано менување на каматните стапки, усвојувајќи трпелива позиција додека пазарите се нестабилни, а порастот покажува знаци на слабеење.
– Ние не знаеме како или кога ќе се решат овие прашања. Како и секогаш, ќе реагираме соодветно за да ја одржиме експанзијата – изјави Пауел претходно месецов во однос на трговските разговори.