Украдените капаци од шахти и решетки од сливници на скопските улици се долгогодишен проблем за надлежните, но отворените дупки претставуваат голема опасност за граѓаните, особено во ноќните часови. Необезбедените и отворени шахти и сливници се закана за безбедноста на пешаците доколку се наоѓаат на пешачките зони, но се сериозна закана за учесниците во сообраќајот ако се на некој коловоз. Кој било може сериозно да настрада и да добие некаква скршеница при движење низ градот. Вакви посериозни случаи имало, а граѓаните, иако оштетени, не знаеле кого да обвинат. Телесни повреди може да се случат, но фатално е ако некој заврши со смртни последици.
Возачите, пак, исто така, доколку налетаат на некоја отворена шахта, може да настрадаат во несреќа самите или, пак, не сакајќи да повредат и други лица.
Материјалните штети на возилата, секако, се дел од последиците што може да настанат по ударот во отворена шахта. За жал, крадците што ги крадат капаците од шахтите и решетките од сливниците воопшто и не размислуваат за последиците по другите. Во црниот бизнис со продажба на старо железо тие гледаат само да заработат. Оттаму, пак, произлегува дека проблемот е многу посериозен, бидејќи во тој синџир на продажба на капаци од шахти и решетки од сливници се вклучени и откупувачите, па излегува дека проблемот е посуштински отколку што се чини и бара посериозен третман од надлежните.
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје само ни потврдија дека проблемот со кражба на капаци на шахтите и решетки од атмосферска канализација постои повеќе години. Но велат дека се интензивирал од ноември минатата година до пред неколку недели. Станува збор за кражби на леени железни елементи, односно решетки на сливници. Од јавното претпријатие велат дека кражбите биле најзачестени за време на велигденските празници и за проблемот навремено биле известувани соодветните институции. Најчесто се крадат капаците од помалите сервисни улици, а капаците што се наоѓаат на поголемите улици на булеварите, поради својата тежина, не се цел на крадците.
Граѓаните сметаат дека отворените капаци за шахтите може да предизвикаат сериозни проблеми за сите што редовно се движат по тротоарите и коловозите.
– На аголот од нашата улица долго време имаше отворена шахта. Луѓето од околината поставуваа гранки и кофи врз дупката и во неа за да не пропадне некој или да не удри некој автомобил. Сега проблемот е решен, но нема да ме зачуди повторно некој да го украде капакот. Навистина не можам да разберам зошто некој би крадел капаци од сливниците и шахтите – вели граѓанин од Карпош.
Проблемите што се создаваат со украдените капаци не се само закана за безбедноста на граѓаните туку претставуваат и трошок за јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Тие велат дека од ноември 2017 до април 2018 година најчесто се краделе капаците од сливниците и шахтите во општините Чаир, Аеродром и Карпош, поточно станува збор за 81 решетка. Висината на нанесената материјална штета врз јавното претпријатие изнесува 426.311 денари. Дополнително, претпријатието имало трошоци и за монтажа на новите решетки од сливници, транспорт, работна рака и нивно вградување.
Најновите информации велат дека несаканата појава е во опаѓање и останува на совеста на граѓаните да остане тоа така.