Откако претходно грчките газди сите вработени во фабриката ги префрлиле на работа во сестринската фирма „Саитис фејшен“ и ги продале машините, тие ја напуштиле Македонија и повеќе не се вратиле во Битола
Измина речиси една година откако грчката текстилна фабрика „Саитис“, која вработуваше над 200 работници, влезе во стечај. Иако во првиот момент се мислеше дека стечајната постапка ќе трае мошне кратко и дека оваа едно време мошне реномирана фабрика ќе се рестартира, сепак, како што стојат работите барем засега, од тоа нема ништо.
Според тоа како се одвиваат работите со стечајот на „Саитис“ и на игрите на главниот доверител, оптимизмот за рестартирање на оваа фабрика полека спласнува и кај стечајниот управител Владе Талевски. Според некои извори упатени во стечајот, тој потсетува на грчката игра сиртаки, која ја промовира Гркот Зорба.
Имено, иако засега три компании, од кои една американска, една германска и една битолска, покажале подготвеност да ја рестартираат „Саитис“ и да ги вратат на работа, ако не сите, тогаш барем дел од околу 200 работници, колку што останаа без работа, главниот доверител Охридска банка, која побарува околу 1.200.000 евра, одлучи да го издвои објектот, кој кај нив е под хипотека, од стечајната постапка и да го продава преку извршител. Оттогаш изминаа десетина месеци, но нема ништо од продажбата на погоните на фабриката и таа стои затворена и оставена да пропаѓа. А деновиве пропадна и најновиот обид на извршителот да ги продаде фабричките погони.
Тоа што особено загрижува е што на стечајниот управител Владе Талевски, кој е именуван од судот, од страна на банката му е забрането да влегува во фабриката и да се грижи за тоа што е преостанато од имотот на „Саитис“.
– Право е на доверителот за каква постапка ќе се определи, дали да се рестартира фабриката, или, пак, објектот што е во нивна сопственост, но кој сѐ уште се води на „Саитис“, ќе се продава. Но додека трае стечајната постапка, незамисливо и незаконски е на стечајниот управник да не му се дозволува влез во фабриката. Во изминатиот период до мене се доставени три понуди со намери за рестартирање на фабриката. Едната понуда е од една битолска компанија, која во моментот е доста рентабилна, а другите две се германска и американска, кои искажаа подготвеност да ја рестартираат фабриката и да ги вратат на работа отпуштените работници. Но мене ми е оневозможено да влезам во фабриката – вели Талевски, кој и натаму е оптимист дека единствен спас за „Саитис“ е фабриката да се рестартира и некои од работниците да се вратат на работа.
Инаку, фабриката „Саитис“ замина во стечај ланилето, по барање на еден од доверителите. Откако претходно грчките газди сите вработени во фабриката ги префрлиле на работа во сестринската фирма „Саитис фејшен“ и ги продале машините, тие ја напуштиле Македонија и повеќе не се вратиле во Битола.
Против сопствениците на фабриката, кои се грчки државјани, е поднесена и кривична пријава, а распишана е и потерница, но барем засега од нив нема ни трага ни глас.
– Иако ние како вработени чувствувавме дека газдите нешто подготвуваат, сепак не верувавме дека ќе го направат сето ова. Едно време ние бевме една од најдобрите грчки компании во Битола. Фирмата беше на добар глас, а сопствениците беа коректни. Но не знам од кои причини тие почнаа да го раскрчмуваат имотот на фабриката и да не ни исплаќаат плати. За сите да нѐ симнат од платните списоци, тие нѐ префрлија во новата фирма, која ја отворија само со еден вработен, и неколку месеци подоцна, без да ни исплатат ниедна плата, си заминаа од Битола во Грција. Оттогаш не ги видовме, а без збогум се простивме и од нашите крваво заработени лични доходи – ни вели една работничка на „Саитис“, која, сепак, се надева дека доколку се прифати програмата на стечајниот управник, фабриката може да се рестартира.
Особено загрижува и тоа што во стечајот со „Саитис“ фабриката е заклучена и му е оставена на милост и немилост на времето. За имотот на фабриката во моментот наводно се „грижи“ приватно обезбедување, кое не му дозволува на стечајниот управник да влезе во неа. Деновиве обезбедувањето на фабриката дури не му дозволуваше ни на инспекторот од општината Битола да влезе во фабриката за да види за какво истекување на мазут станува збор, проблем што беше пријавен од жителите во соседството на фабриката.
Како и да е, стечајот во „Саитис“ е само уште една потврда дека грчките инвеститори веќе си заминуваат од Битола, така што од десетици грчки главно текстилни фабрики остана да работи само уште една.