Македонската параолимпијката, стрелачката Оливера Наковска-Бикова во дисциплината воздушен пиштол, на Светското првенство (СП) во Чеонгју, Јужна Кореја во основниот дел беше првопласирана со погодените 570 круга со што го израмни светскиот рекорд на Сарех Јаванмарди од Иран и на Ирина Лиаки од Украина, забележан во март годинава. Тие и на СП во Кореја ги освоија првото и второто место, пред Оливера, која беше трета и се закити со бронзениот медал.
Претходно во дисциплината спорт пиштол, 25 метри, Наковска-Бикова, со 569-те круга влезе во финалето како четвртопласирана меѓу 32 спортисти што се бореа за медали (на крајот беше шеста). Тој пласман за неа значеше директна квота за учество на Параолимписките игри (ПОИ) 2020 во Токио.
Според пропозициите, во оваа дисциплина четворица спортисти обезбедуваат директни квоти за Токио. Тоа се освојувачите на медали и најдобропласираната спортистка. Бидејќи Наковска-Бикова беше единствената спортистка во финалето, наедно и најдобропласирана, обезбеди настап на ПОИ 2020.
За Оливера Наковска-Бикова, тоа ќе бидат петти ПОИ едноподруго, по Рио 2016, Лондон 2012 (освои златен медал), Пекинг 2008 и Атина 2004 година. Секако тоа е успех и за Македонскиот параолимписки комитет, кој континуирано бележи учества на свои спортисти со директни квоти, почнувајќи од Барселона 1992, односно на осум последователни ПОИ.