Фергусон имал излив на крв во мозокот по што е опериран и се наоѓа на интензивна нега. За 26 години како менаџер на Манчестер јунајтед, Фергусон освои 38 трофеи
Легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон имал излив на крв во мозокот по што итно е пренесен во болница каде што бил опериран и се бори за живот. Неговата сопруга Кејти со која е во брак од 1966 година на медиумите им соопштила дека Алекс паднал во несвест во нивната куќа и не давал знаци на живот по што повикала брза помош.
Од Манчестер јунајтед се огласија со соопштение дека операцијата минала добро, но и оти состојбата на „Фергусон е критична и е потребно време за закрепнување“.
Фергусон (76) е најуспешниот менаџер со историјата на британскиот фудбал. Тој за 26-те повеќе од успешни години како менаџер на Манчестер јунајтед (се повлече во 2013-та) освои дури 38 трофеи меѓу кои највредни се двете титули првак на Европа, 13-те титули првак на Англија, петте ФА-купа и четирите Лига-купа на Англија. Во 1999-та тој освои три трофеи: првак на Европа, првак на Англија и ФА-купот по што ја доби титулата сер.
Синот на Алекс и на Кејти Фергусон, Дарен тргна по стапките на својот татко и моментално е менаџер на Донкастер роверс.
Фергусон почнал активно да игра фудбал на 16-годишна возраст во шкотскиот Квинс парк. Играл до 32-та година по што ја почнал менаџерската кариера, во Ист Стирлингшајр. Потоа минува во Сент Мирен со кој во 1977 година ја освојува титулата првак на Шкотска. Потоа се сели во Абердин каде што освојува три шампионски титули, четири купа на Шкотска, и највредниот трофеј, Купот на победниците на куповите (КПК) во 1983 година, по победата над Реал Мадрид (2-1).
Во 1986 година, Фергусон беше селектор на Шкотска на Светското првенство (СП) во Мексико. Неколку месеци подоцна ја презеде менаџерска функција во Манчестер јунајтед кого во следните дваесетина и повеќе години во претвори во англиски и европски гигант. Во 1993 година, Фергусон со Јунајтед ја освои првата од 13-те титули првак на Англија, прва за клубот по пауза од 26 години.
По веста за незгодата на Фергусон со пораки на поддршка и желби за закрепнување се јавија голем број познати сегашни и поранешни фудбалери со кои тој соработувал, колеги менаџери и многубројни познати луѓе од јавниот живот.