Неколку десетици илјади лица повторно излегоа на улиците на Хонгконг, само еден ден откако Владата ја суспендира процедурата за усвојување на спорниот закон за екстрадиција на граѓани на кинеските власти. Демонстрантите, од кои многумина биле облечени во црно, извикувале: „Повлекување“ и „Оставка“. Тие носеле постери на кои се бара заминување од власт на шефицата на хонгконхшката влада Кери Лам и целосно повлекување на нацрт-законот.
Лам завчера изјави дека ќе биде суспендирана процедурата за усвојување на нацрт-законот за екстрадиција на граѓани на кинеските власти. Таа претходно инсистираше на донесување на законот, и покрај многубројните критики од активистите за човекови права и бизнис-организации, кои тврдат дека со измените ќе се наруши репутацијата на Хонгконг како територија со независно судство.
Критичарите на новиот закон предупредуваат дека правниот систем на Кина не би им ги гарантирал на обвинетите истите права, кои тие ги имаат во Хонгконг, кој е полуавтономна кинеска територија. Кога во 1997 година, Британија ѝ го отстапи на Кина, на Хонгконг му беше гарантирано правото да ги задржи својот социјален, правен и политички систем во наредните 50 години, по принципот една земја, два система.