Во хуманитарна акција посетителите на „Капитол мол“ донираа вкупно 22.899 денари за 150 деца во „СОС-детското село“. Одговорните таму, заедно со „Капитол мол“, и во соработка со неколку фирми и посетителите ја реализираа акцијата.
Посетителите беа вклучени преку одбележувањето на Меѓународниот ден на семејството, 15 мај, а по тој повод беа организирани многу семејни игри, креативни работилници, дополнети со детска музичка програма. На тој начин го одбележаа овој многу значаен ден за децата од СОС-селото, а посетителите можеа да издвојат дел и за нив. Настанот имаше цел да им покаже на децата од „СОС-детското село“ дека не се сами и дека имаат поддршка од голем број луѓе.
– Поради фактот што нашата работа не е возможна без поддршката од пријателите и донаторите, „СОС-детското село“ и „Капитол мол“ ја проширија соработката и центарот одлучи да стане место со срце. Низ трговскиот центар и тоа во неколку продавници за различни производи посетителите ја имаа можноста да донираат за близу 150 деца и млади од „СОС-детското село“, помагајќи ни во остварувањето на мисијата дека ниту едно дете не треба да расте само. Во период од 15 дена, за „СОС-детското село“ беа собрани 22.899 денари – велат од „СОС-детското село“.