Американската војска објави снимка на која, како што тврдат од таму, се гледа како Иранската револуционерна гарда отстранува мина која не експлодирала на еден од двата нападнати нафтени танкера во Оманскиот Залив.
Централната команда на американската армија, исто така, објави фотографија на која наводно се гледа магнетна мина која е прикачена на едната страна од јапонскиот брод пред да биде отстранета, пренесе „Ројтерс“.
Портпаролот на централната команда, Бил Урбан, соопшти дека бродот на иранската револуционерна гарда бил забележан вчера во 16.10 часот по локално време, како се приближува до јапонскиот танкер.
-Тој беше надгледуван и фотографиран како ја отстранува неексплодираната магнетна мина од бродот „Кокук курејџес’“, вели Урбан во соопштението.
Претходно, „Гласот на Америка“ објави дека два танкера за нафта биле оштетени во напади во Оманскиот залив во текот на вчерашниот ден, во близина на брегот на Иран – еден од најпрометните морски патишта во светот за превоз на нафта.
Норвешката поморска агенција објави дека три експлозии се случиле на еден норвешки танкер, а претходно бил нападнат и танкер во сопственост на Јапонија.
Од друга страна, Иран категорично одбива дека земјата е поврзана со нападите на бродовите.