Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска го потпиша Указот за стапување во сила на Законот за ратификација на Договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора, чие усвојување беше еден од условите за укинување на визниот режим за патување на косовските граѓани во ЕУ.
Тачи го потпиша Указот отакако Специјалното обвинителство ја отфрли кривичната пријава за „национално предавство“ поднесена против него од страна на пратеникот Сами Куртеши од опозициското Движење Самоопределување.
Според Куртеши, Тачи извршил „национално предавство“ кога во својство на заменик премиер и шеф на дипломатијата во Владата на Иса Мустафа го потпишал Договорот.
Потпишувањето на Указот се случува на вториот ден од престојот на делегацијата на ЕУ во Приштина, која треба да утврди дали Косово ги исполнува потребните услови за визна либерализација.
Договорот за демаркација на границата беше потпишан во август 2015 година и тој беше веднаш ратификуван од страна на Црна Гора, но неговата ратификација во косовското Собрание се одолговлече.
Опозицијата прво со употреба на солзавец ги прекинуваше седниците на кои требаше да се гласа за ратификацијата, а потоа владејачката коалиција подолг период не можеше ди го обезбеди неопходното двотретинско мнозинство за усвојување на Договорот.
Конечно минатиот месец косовското Собрание го ратификуваше Договорот и со денешниот указ на Тачи тој и официјално стапува во сила.
Противниците на договорот обвинуваат дека со него Косово и отстапило дел од својата територија на Црна Гора, што властите го негираат.