Кошаркарите на Работнички и на МЗТ Скопје годинава деветти пат меѓусебе ќе играат во финалето на плејофот на првенството на Македонија. Тоа е епилог по двата полуфинални дуела во кои фаворизираните финалисти излегоа како победници.
МЗТ Скопје со 3-0 го победи Гостивар, а на кошаркарите од Градски парк им требаа пет меча за да ја елиминираат гевгелиска Блокотехна со вкупно 3-2 во победи. Во решавачкиот меч, избраниците на тренерот Марин Докузовски славеа со 88-78.
Двата финалисти се најтрофејните во Македонија. Работнички по 20-ти пат ќе игра за првенствената титула, а зад себе има 15 шампионски пехари. За клубот од Аеродром, предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов, тоа ќе претставува осмо финале во низа, а вкупно 14-то во нивната досегашна историја. Со евентуална победа, „штрковите“ седми пат ќе го кренат славеничкиот пехар.
Финалната серија почнува утре, МЗТ Скопје е домаќин на дуелот во салата „Јане Сандански“ (17.30 часот) и ќе се игра со наизменично домаќинство, до три победи.