За време на Рамазанскиот пост, да ја споменеме и да ѝ дадеме сила и на нашата заедница – Република Северна Македонија – една држава, едно општество на различни вери, изјави премиерот Зоран Заев кој синоќ организираше ифтарска вечера.
На вечерата присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници во Собранието, поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, министри во Владата, градоначалници од повеќе општини во нашата земја, ректори на државните универзитети, бизнисмени и претставници на стопанските комори како и претставници на граѓанските организации.
По ифтарската вечера, премиерот Заев имаше свое обраќање пред присутните, пришто истакна дека ова е празнично време кога семејствата се собираат и се осврна на значењето на муслиманскиот празник.
-Рамазан е време на интензивна посветеност, саморефлексија и размислување. Време кога се извршуваат молитвите и се читаат сурите, поглавјата, кога се рецитираат ајетите, стиховите, од светата книга – Куранот. Поглавјата и стиховите од Светата Книга Куранот, потсетуваат на принципите и на нашата должност за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, толеранција и достоинство на сите луѓе. За време на Светиот месец рамазан, се посветуваме на закрепнување на духот, на обновување на духовните сили и на волјата за да се усовршиме според божјите пораки- рече Заев.
Тој додаде дека подвигот за време на постот и наградата за посветеноста, го помагаат унапредувањето на заедничките желби, меѓу кои да живееме во мир, да шириме добрина меѓу соседите и да ги јакнеме пријателствата.
-Со секој ифтар, за време на Рамазанскиот пост, да ја споменеме и да ѝ дадеме сила и на нашата заедница, Република Северна Македонија. Една држава, едно општество на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што ни е оставена да ја чуваме и да ја негуваме. Тоа е нашата цел. За нас, и за нашите деца. На тој пат сме сите заедно. Нека е благословена оваа вечера и Светиот месец Рамазан, и нека ве придружува мирот и спокојството за време на светиот пост- изјави Заев во обраќањето пред присутните.