Полицијата исклучила 12 возачи од сообраќај, кои управувале со технички неисправни возила. Податоците што ги соопшти Министерството за внатрешни работи се однесуваат на последното деноноќие. Податоците зборуваат дека бројот на неодговорни возачи загрижува, бидејќи тие покрај својот во опасност го ставаат и животот на другите учесници во сообраќајот. Во последната 24-часовна контрола на сообраќајната полиција се случиле 13 сообраќајни несреќи на подрачјето на Скопје во кои, за среќа, со полесни повреди завршиле само седум лица. Во осум од сообраќајните несреќи била предизвикана само материјална штета. Тројца возачи што не им дале првенство на минување на пешаци на пешачки премини заработиле казна, додека за зборување на мобилен телефон додека управувале со моторно возило казна заработиле 18 возачи. Сообраќајната полиција казнила и 15 возачи, затоа што не носеле сигурносен појас.
Пајак-службата во изминатото деноноќие подигнала 68 возила поради непрописно паркирање.
Вчера попладне мотоциклист беше повреден во сообраќајна несреќа што се случи на крстосницата кај Собранието и градската болница „Наум Охридски“ во Скопје. Како што неофицијално дознаваме, во сообраќајката учествувал и заменик-министерот за култура, актерот Владимир Лазовски, кој го управувал автомобилот.