Повеќе од половина од животот го поминав како гастарбајтер (колку убав македонски збор, кој го нема во нашиот правопис, ама кај најсовремениот македонски речник на англистот Зозе Мурговски – го има!). Четириесет години во Словенија и над 10 во Полска. И во едната и во другата земја забележав и доблести и мани. Но во двете земји имаше една гранитна непроменливост: во добри моменти и во зла доба; Словенците беа секогаш Словенци, а Полјаци беа и во пруско, и во руско и во германско. Таков нивни нескршлив национален камен живее и во мене и во мојот македонски ДНК. Бев и останав Македонец. Еднаш запишав, а тоа живее во мене како религија – тоа е м а к е д о н с т в о т о, а потоа христијанството. Да го промениш македонството со некое ново политичко име заради влез во „хуманитарната“ организација НАТО или ЕУ е политика на забегани! Викаат: за овој евроатлантски рај се витка ’рбет, ама сегашниве преговори покажуваат дека сме обични глисти, по кои Грците газат и од нас не ќе остане ни трага. Да добиеш територија без војна и да си играш со народ, колку и да е мал е агонија = (напор, страв, смртен страв; борба со смртта, умирање, состојба пред смртта, посмртен ѕвон; исчезнување, одумирање – според Братољуб Клаиќ). Кое сакаш значење земи го, одговара на македонскава агонија!
Што ли земја бевме кога воената победа на македонските одбранбени сили ја потпишавме со поразителниот за нас Охридски договор! А сега со чистото име на земјава – Македонија, си играме како на лото. И кога грчкиот итрец Коѕијас ли, Коџијас, Косијас или Кочијас при секоја средба носи нови, убаво и модерно спакувани пакетчиња за некакви козметички креми за нашиот устав, небаре тој смрди на иредентизам за јужниот сосед! Дали нашиот министер, ама тој не е сам, не може да рече: доста е овој нечесен покер. Наместо тоа брка руски дипломати без докази за кодошлак, а екселенцијата од Кале Бејли одејќи по судови, собрание, политички партии не врши кодошки бели против Македонија? Ама Вашингтон, Брисел и додавката Лондон се наши стратегиски евроатлантски партнери. Каде ли го најдоа Лондон, кој бега од убавините на ЕУ, а нам, тој ни е препорака за влез во европскиот рај! Затоа, доста преговори и измачувања. Прекинете ги преговорите со Грците! И со нив и без нив ние сме далеку од евроатлантикот. Што ќе биде – нека биде со или без ЕУ, која почнува да тоне и агресивниот НАТО!
Уште нешто за јазикот
Прескокнувајќи ги темиве во ова невреме за Македонија, во овој геноцид врз нас, ќе запишам нешто за Законот за употреба на јазиците. Посоодветно име би било закон за н е у п о т р е б а на јазиците. Не затоа што тие денес не се употребуваат, туку секаде и без ваков закон тие се во употреба. А како е во Албанија? Таму е извршен јазичен геноцид врз Македонците, Грците, Власите, Србите, Црногорците, Ромите и сите се големи Албанци со наметнат јазик, навистина потребен за секојдневието. Само по јазик Албанија е единствена нација, иако ги има сиве овие народи и јазици. Како и кај нас, многу разнојазични народи. Со ваков закон градиме Вавилонска кула, која кога ќе ги достигне облаците луѓето од приземјето не ќе можат да се разберат со оние од врвот. А и ЕУ треба да се свести и да воведе европски јазик, а не од островот Англија, кој избегаа од своите европски компањони. Хрватите од континентот јазикот на своите сограѓани од островите го викаат бодулски, а нив бодули! Можеби за ЕУ најсреќно решение може да биде тријазичност од германскиот, некој романски и еден словенски јазик. А тоа можат да бидат само јазиците на најголемите нации! Ваков закон за јазици, како овој кај нас, значи провинцијализација на земјата и враќање во средниот век. Тоа е дрзок, неприфатлив акт извлечен од темните години од 1941 до 1944 година. Заканата на сегашниот претседател на Собранието дека ќе најде начин некој друг да го потпише овој незаконски закон е непочитување на најзаконски избран највисок претставник на власта – претседателот на РМ.
Ама човек не може да се изначуди од сервилноста кон ова беззаконие на некои од стручната фела, кои сами се китат како врвни македонски. Ако е тоа унив. проф. д-р Људмил Спасов, кој неразбирливо како македонист, од некакваси комисија, го прифаќа овој закон како корисен за македонскиот јазик е голем срам прво за него. Немо, без збор, само со ТВ-насмевка и безначајно одобрување за законот се јави и анонимната директорка на Институтот за македонски јазик д-р Елена Јованова-Грујовска. Молчи како риба и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ. Барем да беше за македонската реалност!
Ако се овие репрезентанти на македонистиката, не знам каде им е местото на унив. професори или научни соработници Ристовски Блаже, Ристески Стојан, Сталев-Поповски, Пандев, Карамфиловски, Цветковски, Стојчевска-Антиќ, Тодоровски, Саздов Симон, Митева, Бојковска, Десподова, Веновска-Антевска, Велковска, Макаријоска, Цветановски Г., Ѓуркова (ќерката на Минова), Митков, Илиевска, Пеев, Митевски, Ќулафкова или туѓинците Брозовиќ, Верижникова, Вроцлавски, Доровска, Доровски, Ивановиќ, Јенихен, Кавка, Калоѓера, Павловски, Миодињски, Накаџима, Невекловски, Субиото, Ошлис, Пањкина, Пјанка, Ставови-Кафка, Усикова, Фридман, Шанова и други веќе покојни. Секој од нив посебно, со своите библиографии имаат барем четири пати повеќе од нив двајцата библиографски единици. Нека ми простат помладите македонисти што не ги спомнав, зашто тие се цел рој со исткаени библиографски мрежи.
Мислев погоре да ги спомнам моите незаборавни македонски, веќе покојни, првоучители Блаже Конески, Крум Тошев, Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковиќ и Димитар Левков. Тие само го доуцврстија моето непоколебливо македонство!
Драги Стефанија