ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р НИКОЛА ЈАНКУЛОВСКИ, РЕКТОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

Студентите на УКИМ се стекнуваат со знаење, а потоа и со диплома која високо се вреднува на домашниот, но и на глобалниот пазар на труд. Доказ за квалитетот на дипломирани кадри од УКИМ е побарувачката за нив во домашни и странски компании. Доказ за тоа се големиот број стипендии што универзитетот ги добива од реномирани домашни и странски компании за стипендирање на нашите студенти, вели Јанкуловски

Најстариот и најдобро рангиран универзитет во Македонија, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ годинава прославува 70 години од своето постоење. За тоа што претставува оваа значајна високообразовна институција денеска, за состојбите во високото образование, како и за предизвиците и плановите зборувавме со проф. д-р Никола Јанкуловски, првиот човек на УКИМ.

Најстариот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“, годинава oдбележува 70 години од своето постоење. Што сѐ ќе се случува по повод овој голем и значаен јубилеј?
Чествувањето на „Св. Кирил и Методиј“ се одбележа во свечена атмосфера, со присуство на голем број домашни и странски гости. Како 23-ти ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје имав едновремено и привилегија, но и сериозна обврска да организирам достојно чествување на 70-годишниот јубилеј од основањето на УКИМ. Бидејќи развојниот пат на УКИМ трасиран во изминатите седум децении е вграден и запишан со златни букви во историјата на Република Македонија, чувствуваме должност кон идните поколенија, кон нашите идни генерации да оставиме трага за сработеното, за развојот, за изминатиот пат. Токму затоа, во изминативе месеци се работеше на изработка на јубилејната монографија „Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, 1949-2019“. На свечената академија, исто така, беше проектиран и документарниот филм за 7-те децении на УКИМ, кој го подготвивме во соработка со МРТ. И монографијата и филмот со своите концепти и понудените богати и значајни содржини не само што го отсликуваат минатиот развој туку исто така претставуваат основа и извор за бележење на она што денес е сегашност, а утре историја за нашите идни поколенија. Исто така, еден дел од централните свечености беше посветен на нашата најголема гордост, на она што го прави УКИМ препознатлив, единствен и недостижен на овие простори и пошироко – нашите студенти. Имено, тој ден беа наградени 29 студенти, оние кои со својата одличност за нијанси се издвоија од нивните колеги и станаа први меѓу еднаквите по квалитет во својата генерација. Инаку, во јубилејнава година продолжуваат многубројните работни активности, поточно реализација на стратегијата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а која изобилува со многу новини.

Една од активностите, од каде што, пак, ќе произлезат сите преостанати промени, е воспоставување на канцеларија за управување со квалитет на универзитетот, чие формирање е во тек. Оваа канцеларија ќе придонесе за воспоставување на унифициран систем од процедури, протоколи и документи со кои ќе се дефинираат, ќе се планираат, ќе се управуваат, ќе се контролираат и ќе се евалуираат сите постојни и предвидени активности. Во тек е потпишување на меморандум за соработка со Министерството за иселеништво за соработка околу обединување на нашата интелектуална дијаспора. Ова резултира во формирање на посебна алумни канцеларија која ќе ги мапира и комуницира нашите алумни во странство, односно нашата интелектуална и научна дијаспора. Поединечно се работи и на други активности кои, исто така, ќе влијаат за подобрување на целосното функционирање на универзитетот, дали во наставно-едукативниот дел, во административното работење, истражувачката дејност и така натаму. Започнати се многу процеси, за кои со време ќе се докажат придобивките. Некои започнаа како иницијативи за кои треба време да созреат во конкретни чекори. Додека, пак, други веднаш стапија во сила и веќе внатре, структурата ги чувствува бенефициите.

Сепак, една од најважните работи во која вложивме напори, знаење и енергија е создавањето на Центар за трансфер на технологии. Целта ни беше да ги преточиме во практика технолошките иновации кои се генерираат на нашите факултети во бизнисот. Да овозможиме да се комерцијализираат иновациите преку формирање на таканаречени спиноф компании, кои ќе овозможат поврат на вложените средства и знаење. Самиот назив зборува за важноста на овој проект и затоа е потребно да функционира беспрекорно. Преку овој центар ќе се унапредуваат и науката, и истражувањето и образованието. Истиот ќе придонесе за размена на информации за достигнувањата и искуствата во дејностите на факултетите и институтите на централно ниво, а соработката ќе се прошири и во трансферот на знаења. Што се однесува пак до наставната дејност, ги интензивираме активностите за зголемување на бројот на студиски програми достапни на англиски јазик. Тоа ќе придонесе нашиот универзитет да стане поатрактивен за странските студенти, а исто така ќе помогне при реализирањето на заеднички студиски програми (joint degree) и подобрување на уписната политика. Така што, УКИМ во моментов работи на реализација на два големи проекти за студиски програми со универзитетот „Албани“, Њујорк. Тоа се само неколку новости што ќе внесат значителна промена, а паралелно се работи и на други, еднакво суштински проекти.

И покрај многуте јавни и приватни универзитети во земјата, дипломата на УКИМ успеа низ годините да остане и да се одржи како една од најценетите. Кој е Вашиот впечаток, во колкава мера им е важно на работодавците, кадрите што ги вработуваат да имаат завршено студии на УКИМ?
УКИМ бил и остана најдобар универзитет во државава, што го покажуваат и сите меѓународни рангирања. И покрај многуте универзитети што се отворија во земјава во последниве 20 години, нашиот универзитет остана симбол за квалитет во високото образование. Стратегијата на УКИМ никогаш не била, ниту ќе биде да обезбеди поголема конкурентност преку намалување на воспоставените критериуми кои гарантираат квалитет во високото образование, туку напротив, да ги негува истите, да ги унапредува знаењата на студентите, да ги приближува до најновите научни достигнувања, но и до практиката. На УКИМ студентите се стекнуваат со знаење, а потоа и со диплома која високо се вреднува на домашниот, но и на глобалниот пазар на труд. Доказ за квалитетот на дипломирани кадри од УКИМ е побарувачката за нив во домашни и странски компании. Доказ за тоа се големиот број стипендии кои универзитетот ги добива од реномирани домашни и странски компании за стипендирање на нашите студенти. УКИМ има 70-годишна традиција во високото образование, но истовремено држи чекор со новото време, со новите потреби на пазарот на труд и со технолошките потреби во компаниите, така што соработката со бизнис-секторот била и ќе остане во врвот на приоритети на УКИМ.

И покрај огромниот број новородени универзитети во последниве 20 години, УКИМ остана бастион на високото образование, а бројот на студенти се одржува на едно стабилно ниво, за кое цениме дека е околу 70 проценти од вкупниот број студенти во земјава.

На сите досегашни национални ранг-листи на универзитети, УКИМ е на стабилно прво место. Не е воопшто лесно да се биде меѓу првите 500 универзитети на светско ниво, но дали на тие листи УКИМ бележи напредок?
Не е лесно. Ангажиран е целиот академски потенцијал, со финансиска поддршка од универзитетот за објавување научни трудови во реномирани меѓународни списанија, како еден од критериумите за искачување на светските ранг-листи. Донесуваме студиски програми на англиски јазик за привлекување странски студенти, склучени се повеќе договори за соработка со реномирани светски универзитети и во континуитет се работи интензивно на ова поле, склучуваме договори и за издавање на двојни и заеднички дипломи, исто така, со реномирани универзитети, што значи признавање на нашите дипломи по автоматизам, и други активности потребни за искачување на повисоко место на светските ранг–листи. Во текот на минатиот месец потпишавме два меморандуми за соработка со два реномирани универзитети од Израел. Од овие меморандуми ќе произлезат двојни дипломи, со Барилон – двојни дипломи по општа медицина на англиски јазик, а со Холан – во делот на техничките науки. Во претходното прашање говорев за реализацијата на два големи проекти за студиски програми со универзитетот „Албани“ од Њујорк.

Реализацијата на овие активности води кон забележителен напредок и повисоко место. Каде беше УКИМ, а каде е денеска? Каде го гледате во перспектива?
УКИМ отсекогаш бил најбараниот универзитет во Република Северна Македонија и најценетиот во меѓународни рамки. Се стремиме постојано да ги следиме европските текови во високото образование, а показател за тоа е учеството во меѓународни проекти каде што нашите единици и професори аплицираат, ги добиваат проектите и работат на нив рамноправно со универзитетите од европски развиените земји, како и во други меѓународни програми. Во оваа насока би сакал да ве воведам за Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, кој официјално започна со работа во текот на февруари 2018 година. Во тој период беше направена детална и сеопфатна анализа на капацитетите со кои располага ФЕИТ во изминатата деценија и кои се база за понатамошниот развој на ИНОФЕИТ. Европската инвестициска банка (ЕИБ) ангажираше надворешен консултант, експерт од Англија за таа цел и беа вршени евалуации на бројот на проекти во кои учествувал ФЕИТ, средства донесени по основа на истражувања, опремата со која располага, бројот на релевантни меѓународни публикации, бројот на патенти, бројот на формирани стартапи од вработените и позиционираноста во локалната и во регионалната индустрија. Исто така, ИНОФЕИТ беше посетен и од директорот во ЕИБ, одговорен за развој на истражувачката инфраструктура на Западен Балкан. Врз основа на оваа детална анализа, ИНОФЕИТ е избран како единствен кандидат од регионот кој има капацитет да прерасне во регионален Центар за извонредност во период од 3 години. Заклучоците на анализата која ја правеше ЕИБ може да се најдат на страницата „Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility – WB EDIF“ (http://www.wbedif.eu/library/road-map-for-innofeit-centre-of-excellence/), каде што е даден детален развоен и бизнис-план за ИНОФЕИТ. Со овој документ, повеќе различни финансиски институции од Европска Унија бараат можност да му доделат грант во висина од 1,6 милиони евра на ИНОФЕИТ заради прераснување во регионален Центар на извонредност. Средствата ќе се искористат за ангажирање докторанди и постдокторанди, професори од странство и ментори, дефинирање на иновативни проекти, развој на соодветна рамка за комерцијализација на технологијата и поттикнување на стартапи и спинофи од факултетот.

Која е Вашата оцена за состојбите и какви се предизвиците пред кои е исправено македонското високо образование?
Само автономни универзитети можат да го заземат своето вистинско место во општеството, за неговиот развој и благосостојба. Развојот на општеството на глобално ниво, според мене, претставува натпревар на универзитетите на глобално ниво, а за тоа универзитетите мора да бидат независни за да создаваат квалитетни кадри од кои ќе се ангажираат најдобрите во национални и меѓународни соработки преку заеднички академски програми, научноистражувачки проекти, конференции, размена на идеи и искуства и сл.

Затоа е неопходна колективната одговорност на сите нивоа во една држава за да се обезбеди автономија на универзитетите, која во Република Северна Македонија е загарантирана со нашиот Устав. Во Република Северна Македонија автономијата во поголем дел се практицира, со одредена задршка во делот на обезбедување научен
подмладок, за што се бара согласност за обезбедени средства за плата од
надлежните министерства, а во делот на изборот на најдобрите, УКИМ во целост е автономен. Ова на некој начин доведува до нерамноправна положба на државните со приватните универзитети во обезбедувањето млади истражувачки кадри заради обезбедување проста репродукција на академскиот кадар. Кога се работеше Законот за високото образование, од страна на Министерството за образование и наука имаше заложба и слух за овој ограничувачки фактор, работните верзии на овој закон содржеа одредби за целосна автономија и во овој дел. Очекувам во скоро време да се надмине и оваа состојба на јавните универзитети. Од страна на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаше заложби и за изземање на јавните универзитети од трезорското работење, што не претставува нарушување на финансиската автономија, туку едноставно, заради регулативата во трезорското работење се случува доцнење во реализирање на одредени активности на универзитетот.

Исчекор во новиот закон е направено и во делот каде што државата ги презеде обврските за плаќање на комуналните трошоци на јавните универзитети. Во однос на другите делови на автономијата, ако се погледне и спореди со земјите од регионот, на раз личен начин е уредена организацијата на универзитетите, поточно некои закони содржат, а некои не, одредби за внатрешната организација и за органите на универзитетите, така што постојат земји каде што овие делови во целост се препуштени на регулативата на универзитетите и обратно. Постои пренормираност, што е случај и со Законот за високото образование во Република Северна Македонија. Инаку, би сакал да истакнам и нешто што не е поврзано со автономијата на универзитетот, што е актуелно не само во нашата држава туку и во околните земји, а тоа е финансирањето на јавните универзитети, посебно во делот на научноистражувачката дејност и платите на професорите, што зависи од вкупните економски фактори во државата.