Европските гласачи се исплашени и збунети, што би можело да биде добро за Европската Унија (ЕУ), пишува европското издание на магазинот „Политико“.
Нова анкета покажува оти поддршката за членството во ЕУ е на највисоко ниво уште од 1983 година. Но, исто така, информира оти голем број на гласачи во европскиот блок стравуваат дека ЕУ би можела да се распадне во претстојните неколку децении. Некои дури веруваат дека ова можеби е нивното последно гласање за Европскиот парламент.
Ваквата состојба не делува како оптимистичка, но претставува значителна можност за проевропските политичари.
Стравот е силен мотиватор. Популистите се успешни во преточувањето на стравовите на гласачите – за мигрантите, промените и за други теми, во гласови. Сега е време проевропските сили да ја искористат вознемиреноста на Стариот континент и да изнајдат убедливи решенија.
Но, тие нема да почнат од нула. Уште постои силна проевропска база во Европа. Две третини од Европејците имаат позитивни чувства кон ЕУ, според анкетата организирана од Европскиот совет за меѓународни односи.
Девет од 10 испитаници сметаат дека би им било полошо доколку дојде до пад на ЕУ.
Податоците од анкетите, сепак, создаваат нејасна слика за ставовите на гласачите за изборите за Европскиот парламент, на кои електоратот ќе биде поделен на оптимисти кои ја гледаат ЕУ како поле за соработка, и на песимисти кои стравуваат од распрад на ЕУ или на поделби поради конфликт.
Ваквата ситуација сега создава прилика за проевропските политичари да допрат до гласачите кои не се нивни поддржувачи и да им покажат на несигурните Европејци дека ја разбираат новонастанатата политичка состојба во Европа.
Гласачите ќе имаат можност да го изразат нивното мислење на европските избори в недела.