САД ѝ дадоа рок на Турција од две недели да се откаже од купувањето на руски противракетен систем С-400 во корист на американскиот систем „Патриот“, објави Си-ен-би-си, повикувајќи се на доверливи и добро информирани извори.
-До крајот на првата недела на јуни Турција би требало да го откаже договорот со Русија во вредност на неколку милијарди долари и наместо тоа да купи систем за противракетна одбрана „Патриот“ или ќе се соочи со исклучување од програмата Ф-35 на компанијата „Локхин Мартин“ со што ќе ги изгуби ветените ловци Ф-35, ќе бидат воведени американски санкции, а можна е и реакција од НАТО, објави телевизијата.
Според истиот извор, тоа е последен предлог на Стејт департментот за Турција.
Турција претходно соопшти дека нема да се откаже од плановите за купување на С-400 и дека првата серија на системот ќе влезе во земјата во јули.
САД тврдат дека системот С-400 не одговара на стандардите на НАТО. Турција, пак, повеќе пати соопшти дека С-400 не претставува закана за американските авиони Ф-35.