(Константин Качев: Изложба на слики, галерија „Валер“ – Софија, 9 мај до 3 јуни)

Рецензија

Сликарството како свеченост на окото, леонардовски речено, тоа е ликовната арс поетика на Константин Качев (Ташкент, 1967). Такво, тоа е најблиску до творештвото што се дефинира како чиста уметност, уметност на чистиот естетски предмет. Тој е сликар чија имагинација се магнетизира и напојува од класиката, во суптилна модерна транспозиција. Модерен неокласицизам, ликовен говор на дефиниран идентитет, сосредоточен пред сè на естетската димензија на светот што го слика. Таков, во основа, тој е повеќе аполониски, отколку дионизиски и покрај некои надреалистички импулси присутни во неговиот контемплативен спокој како „говор на битието“ (Хајдегер).

И со сликите од изложбата во Софија, Качев покажува дека уметноста не е одраз на предметната социјална и егзистенцијална, туку на внатрешната реалност, на естетската, а не етичката, како што би рекол Платон, половина на човековото битие. И тоа е видливо во уметноста на овој сликар. Во контекст на неа можеме да го сместиме и принципот на Аристотеловиот мимезис. Но тој тука редовно е оплоден однатре со Платоновиот естетски идеализам за убавината како начело кон кое гравитира душата.

На својата прва изложба во Скопје (Национална галерија, 2006) под наслов „Жигосани“, Качев се претстави во светлото на благо нагласена надреалистичка имагинација, суптилно далиевски инфицирана. Неговите слики-жигови се полни со митеми, со мотиви-знаци што го сугерираат митот и митското мислење. Главно во македонски митски и историски контекст. Сепак сликарот понатаму го напушта тој презаситен со знаци ликовен јазик и сè повеќе се сосредоточува на есенцијализација на мотивот, за на крајот да дојде до кристално дефиниран естетски ликовен говор. Во него ликовниот предмет не е во некоја нагонска надреална хипостаза, туку во чиста естетска присутност. Во сликите јасно може да се види таа аполониска контемплативна димензија. Впрочем, и сега на секои слики тој навестува некои симболички асоцијации, пред сè со симболизмот на крилото што го сугерира ангелот во Едем на Икар по него, небесната и земната егзистенција и судбина на човекот. Но тука тој симбол е употребен толку индиректно и дискретно што потсетува на Малармеовата поетика на сугестијата, која францускиот поет ја употребува за поезијата, но истата не е помалку естетски функционална и во сликарството. Впрочем, на контемплативната екстаза на Качев повеќе ѝ лежи концептот на симболизмот, отколку концептот на надреализмот. Затоа што симболизмот во уметноста од кој било вид се служи главно со центрипеталната (што е синтеза) енергија, а надреализмот со центрифугалната (разбивачка) енергија на мотивот. И тука се на дело, во изострен вид, аполонискиот и дионизискиот принцип на уметност и поглед на свет. Кај Качев е доминантен аполонискиот, контемплативен елемент, а дионизискиот е во заднина, во неговото длабинско задоволство од создавањето на својот ликовен опус мунди.

Ова е сликарство на тивка и длабока екстаза. Неговите мотиви редовно се потопени во контемплативна атмосфера и магична луминозност. Мерло Понти, за разлика од Хајдегер, кој ѝ дава предноста на поезијата, вели дека во уметноста битието најдобро се рефлектира во сликарството. Ако е така сликарството на Качев извонредно ја илустрира тезата на италијанскиот филозоф. Светот на неговите слики што ги презентира во Софија е во добра мера херметичен, свет на чистата контемплативна егзистенција на мотивите. Неговите портрети исто така поседуваат некој вид метафизичка аура и тајна. Во нив нема егзистенцијалистички психолошки грч. Тие се повеќе психа (душа), отколку психологија. Говорот на нивното лице е повеќе таен, затворен, отколку отворен, многу повеќе трансцендентален отколку егзистенцијален. На оваа изложба е и еден од омилените мотиви на Качев, голото женско тело како репрезент на земната и небесната, телесната и спиритуалната убавина што ја зрачи. Женските актови на овој сликар, како парче од минливоста но и вечноста, се потопени во длабок трансцендентален спокој, насликани главно со јасно дефинираниот модилјаниевски цинобер од кој на површина дискретно сјае еросот на женското тело.

Качев е сликар што извонредно ја познава и интуитивно е сраснат со магијата на бојата. Тој одлично ги знае законите на колористичката оркестрација и хармонија. Внимателното култивирано око на гледачот лесно ќе ги забележи градираните валери во неа од магичните сребрено-златести тонови што ги среќаваме кај Рембрант и посебно кај Веласкез, до јасно кристализираните звучни хроматски тонови на синото, кобалтот, црвената во цинобер варијанта, портокаловото добро испечено и жолтото во сликарството на Вермер. Тоа се и најинспиративните врутоци од класиката од кои се напојува штедро ликовната имагинација на Качев. Тие ја даваат основата на неговата рафинирана ликовна техника, на неговото првокласно, но техничко мајсторство на колористичко обликување на сликата. Тој е сликар што ја претпочита ариергардата пред авангардата, затоа што таа во перспектива може да се покаже, како многупати досега, и поавангардна од авангардата.

Тој е сликар што добро се познава себе, својот темперамент и сензибилитет, своето длабоко уметничко јас. За него е најважен естетскиот ефект на сликата, кој само по себе ја проектира и нејзината филозофска и онтолошка димензија. Неговите мотиви испловуваат на површина од спокојна и длабока тишина на битието, толку длабока што ни се чини дека тие се само присутност на отсутното, рефлектирајќи ја на некој начин, Малармеовата поетика на сугестијата. Тоа е сликарство на рафинирана метафизичка рефлексија, на метафизички квалитет, кој и според Карлајл, е најважниот елемент што му обезбедува трајност на уметничкото дело. А сликите на Качев евидентно го поседуваат.

Ефтим Клетников