На 47. Мајски оперски вечери, вечерва, во 20 часот, ќе биде изведена оперската претстава „Риголето“, едно од најголемите и најсилни оперски ремек-дела на таткото на операта, великанот Џузепе Верди. Станува збор за драма на човечкиот живот, која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето што ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста. Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва, напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии.
Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија. Тој бележи блескава кариера со репертоар што вклучува над 70 улоги, а настапува во миланската „Скала“, виенската опера „Штац“, „Арена ди Верона“, како и во повеќето престижни оперски куќи низ Европа. Во улогата на Џилда ќе настапи сопранистката со префинета вокална техника Линда Кампанела од Италија. Таа е редовна гостинка на најпрестижните меѓународни оперски куќи, настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е престижна наставничка по вокална техника и интерпретација на Вокалната академија во Торино.