По повод Меѓународниот ден на музеите, Музејот на Македонија повторно се вклучува во одбележувањето на манифестацијата „Ноќ на музеите“. Овој значаен настан веќе по петнаесетти пат се организира на европско ниво. Во таа пригода, во 19.30 часот вечерва ќе биде отворена изложбата на цртежи и копии-фрески на Владимир Деловски-Џиџи, насловена „Тивкиот Маестро“. На изложбата се поставени цртежи од среден формат, копии на фрески во гипс, како и копии на фрески на платно од голем формат, главниот елемент на ликовната ориентација на уметникот.
Владимир Деловски-Џиџи (Битола 1955), ликовен уметник, по долга и плодна животна кариера, првпат се претставува со самостојна изложба во Музејот на Македонија, каде што го поминува целиот свој професионален век. Ученик на великаните на македонската уметност, Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски, како и копистите од првата генерација Ганчо Бошковски и Никола Цонев, Џиџи (како што сите го знаат) развива личен ликовен израз во презентацијата на сакралните мотиви од византиската и македонската православна традиција, кои се широко познати, давајќи им свој препознатлив печат. Копиите на фрески на платно, она по што Џиџи е познат и признаен во професионалните кругови, се најсилниот израз на неговото мајсторство.
Со извонредно чувство за колоритот на старите мајстори, тој беспрекорно ги пренесува на платното приказите од црковните фрескоживописи, овозможувајќи ѝ на пошироката публика во земјата и надвор од неа да ужива во автентична презентација на македонското културно наследство.
Координаторка на изложбата е Нада Андоновска, а автор на текстот за диплијанот е Андреј Ежов.