Појава на нов тренд во кризата со студентските долгови во САД
Бизнис инсајдер
Инвеститорот Роберт Ф. Смит, кој според „Форбс“ е 163-тиот најбогат Американец, чие богатство вреди пет милијарди долари, минатиот викенд ги шокираше студентите од „Морхаус“ кога соопшти дека ги отплаќа нивните студентски долгови – проблем кој други милијардери веќе претходно почнаа да го решаваат.
За време на неговото обраќање во неделата, Смит изјави дека ќе го отплати долгот на 400 студенти од факултетот во Атланта, на кој строго студираат само машки Афроамериканци. Подарокот би изнесувал околу 40 милиони долари, како што соопшти претставник од „Морхаус“ за локалната телевизија.
– Моето семејство ќе отвори фонд со кој ќе се решат студентските долгови. Студентите на „Морхаус“ треба единствено да се посветат нивното образованиее и креативноста – порача Смит пред дипломците.
Смит не е единствениот милијардер што ги отплаќа студентските долгови. Коосновачот на „Хоум депо“, Кен Лангон, лани соопшти дека ќе ја плаќа школарината на сите медицински студенти од универзитетот во Њујорк, подарок кој чинеше 100 милиони долари. Со субвенционирањето, овој универзитет сега нуди бесплатна школарина за секој студент без разлика на неговата финансиска состојба.
Донациите се случија во период кога американските милениумци имаат рекордно висок студентски долг. Некои економисти предвидоа дека 40 отсто од задолжените нема да успеат да ги вратат кредитите до 2023 година, што може да има економски ефект сличен на оној од хипотекарната криза.
Истражувањето откри дека студентската должничка криза ги погодува повеќе афроамериканските семејства, отколку оние на белците. Афроамериканските дипломци пет пати повеќе заостануваат со плаќањето на студентските долгови отколку белците, според институтот „Брукингс“. Еден скорашен извештај објавен во „Волстрит џурнал“ покажа дека дипломците на универзитетите каде што студираат исклучиво Афроамериканци имаат за 32 отсто повеќе долгови од студентите на другите универзитети.
Иако богатите со години донираат пари на универзитетите, тие неодамна почнаа директно да ги насочуваат нивните пари за исплата на студентските долгови. Тони Џејмс, милијардерот кој е извршен потпретседател на приватната фирма „Блекстоун“, неодамна го отвори Институтот за образовно финансирање за да истражи алтернативи за плаќање на студиите, покрај студентските кредити. Инвеститорите од „Силициумската долина“, заедно со актерот Ештон Кучер и основачот на „Бедрок“ Џоф Луис, исто така наоѓаат начини како да се реши студентската должничка криза.
Мајкл Блумберг, деветтиот најбогат човек во САД според „Форбс“, неодамна донираше рекордни 1,8 милијарди долари на неговиот универзитет „Џонс Хопкинс“. Иако парите не беа насочени за студентските долгови, тој зборуваше за важноста да им се помогне на посиромашните студенти да добијат пристап до квалитетно образование.
Решението за студентските долгови најверојатно ќе биде една од главните теми во претседателската трка закажана за следната година. Сенаторката Елизабет Ворен, која е претседателска кандидатка на демократите, претстави план за укинување на студентскиот долг за 42 милиони Американци, кој ќе биде финансиран од страна на милијардерите како Лангон и Смит.
– Несомнено е дека станува збор за дарежлив подарок, но поради ова луѓето ќе почнат да веруваат дека милијардерите ќе ги решат нашите проблеми, што ќе ни го оттргне вниманието од начинот на кој другите во финансискиот сектор работат на решавање на проблемите, како што се студентските долгови или хипотекарната криза, кои се од драстично поголеми размери во однос на ваквиот подарок – порача Ананд Гиридарадас за „Њујорк тајмс“, авторот кој гласно ги критикуваше милијардерите.
Подготвила: Билјана Здравковска