Тензична атмосфера на денешната јавна седница на Апелацискиот суд во Скопје за случајот „Диво Насеље“. На почетокот од седницата осудените побараа меѓународна истрага и кажаа дека ова е Албанија, дека не го признаваат судот и дека адвокатите кои им се доделени немаат право да говорат наместо нив.
Осудениците испраќаа пцости кон Судечкиот совет на чие чело е судијката Цветанка Периќ.
-За нас судот не постои. Ова е Албанија. Адвокатите кои ни се доделени немаат право да говорат наместо нас. Четири години слушаме, сега послушајте нè нас- рече Генц Сефај, осуден за „Диво Насеље“.
Осудениците пред Судот кажаа дека целиот судски процес е изрежиран од страна на коалицијата Груевски – Ахмети и побараа како сведоци да бидат прифатени експремиерот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Стојанче Ангелов, Муса Џафери, Садула Дураки и останати високи поранешни и актуелни функционери на ДУИ.
По ова осудениците ја напуштија јавната седница која ќе продолжи само во присуство на нивните адвокати.
Основниот суд Скопје 1 во 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.