Сенатот на американската држава Алабама усвои закон со кој се забранува абортус, со многу малку исклучоци, што ќе биде најстрогиот закон за абортус во Америка кога гувернерката на Алабама ќе го потпише.
Сенатот во Алабама, во кој мнозинството го имаат републиканците, гласаше минатата ноќ со 25 наспроти 6 гласови за тоа абортусот во која било фаза од бременоста да се смета за кривично дело казниво со 99 години затвор или доживотен затвор за оној кој врши абортус.
Единствен исклучок ќе биде ако здравјето на жената е сериозно загрозено. Сенаторите го отфрлија предлогот за изземање случаи на силување или инцест.
Поднесувачот на законот, републиканката Тери Колинс рече дека очекува гувернерката на државата, Кеј Ајви, да ја потпише забраната за абортус, што ќе стане закон.
Гувернерката не даде никакви назнаки како ќе одлучи.