Германската полиција се уште има многу отворени прашања, откако беа пронајдени три тела во Пасау и две во Витинген, а истражителите ја истакнуваат можноста оти станува збор за договорено самоубиство, пренесува германскиот весник „Берлин моргенпост“.
Две жртви биле застрелани во срцето, односно во главата, додека третата била погодена со стрела во вратот, а нивните тела биле пронајдени во хотелска соба во Пасау, во германската покраина Баварија, во саботата. Покрај нив се наоѓале три современи самострели. Мистериозниот случај во хотелот се поврзува со две други жртви пронајдени во Витинген, 650 километри далеку од Пасау.
Како причина за смртта на 53-годишниот маж и 33-годишната жена од рајнската област Пфалц, чии тела биле пронајдени во лежечка положба на кревет во хотелска соба, настанала од убод на стрелата во срцето, според резултатите од аутопсијата на телата. Резултатите покажуваат дека другата жена, која лежела на подот покрај креветот, си го одзела животот со самострелот откако ги застрелала оние кои лежеле на креветот.
Полицијата верува дека станува збор за договорено самоубиство. Во хотелската соба не се забележани траги на насилство. Се уште нема докази дека покрај нив тројца, во собата имало четврто лице. Два тестамента биле пронајдени во собата, а се напишани од мажот и жената кои умреле на креветот.
Во станот во Витинген, кој припаѓал на последната жртва од хотелот, пронајдени се други две тела на жени, а полицијата се уште не знае како тие починале, или како се поврзани со самоубиствата во хотелската соба. Нема никакви знаци за насилна смрт на нивните тела.
Полицијата тврди дека двете жени и нивниот сопатник ги купиле самострелите во локална спортска продавница, што значи дека не ги донеле со себе во Пасау. Ловот со самострел е забранет во Германија, но секој над 18 години може да купи и да поседува вакво оружје.
Поврзаноста на жртвите во хотелот со оние во станот во Витинген уште не е позната. Гостите во хотелот ги опишале двете жени и нивниот сопатник како чудни и тивки. Мажот имал долга бела брада, а двете жени носеле црна облека во готски стил. В.Т.