Модното шоу за долна облека на „Викторијас сикрет“ повеќе нема да биде емитувано на телевизија, пренесува магазинот „Вог“.
Оваа година модното шоу подготвуваше ѕвездена ноќ во која голем број нови модели беа најавени дека ќе се приклучат на листата убавици кои се дел од „Викторија сикрет“, меѓу кои Грејс Елизабет, Барбара Павлин, Алексина Грејам, како и 26-годишната Лиоми Андерсон.
Но, модното шоу на „Викторија сикрет“, какво што го познаваме, би можело засекогаш да замине во историјата, пишува „Волстрит џурнал“, известувајќи дека модниот бренд за долна облека веќе нема да ја емитува ревијата на малите екрани, поради намалениот интерес на гледачите кои го следат шоуто, како и поради зголемените критики од страна на обожавателите. Според „Волстрит џурнал“, рејтинзите на шоуто нагло опаднале во споредба со неговиот популарен почеток во 2011 година.
Се чини дека модниот бренд ги послуша критиките и ги искористи за да го промени својот формат, пренесе претседателот и главен извршен директор на компанијата „Ел брендс“, која е покровител на модното шоу.
– Емитувањето на телевизиските канали повеќе не е соодветно за нашето шоу и не верувам дека во иднина ќе продолжиме да го емитуваме – се вели во соопштението.
Наместо телевизиското шоу, тие работат на подготовка на нов, поразличен настан кој ќе го промовира модното шоу на начин кој ќе ги помести границите на модата во модерната, дигитална ера.