Запирањето на продажбата на вишокот материјали (тешка вода и збогатен ураниум) е одговор на раширените и нечовечки санкции на Америка и пасивноста на Европа да му овозможи на Иран да ги искористи придобивките што произлегуваат од овој договор,
велат од иранската амбасада во Македонија
Тензиите меѓу Западот и Иран од ден на ден сѐ повеќе растат. Иран суспендира клучни одредби од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Неделава Вашингтон го зголеми притисокот врз Техеран со воведување санкции за иранската металургија, го прекина изземањето од санкции на петте главни ирански купувачи на нафта, меѓу кои се и Кина, Индија и Турција, ја стави Револуционерната гарда на листата на странски терористички организации и истовремено испрати моќна воена флота бродови во Медитеранот, која е предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.
Во свој одговор на ваквите случувањата Иран, пак, соопшти дека веќе нема да им ги продава вишокот збогатен ураниум и тешката вода на други земји, како што е предвидено со нуклеарниот договор меѓу Техеран и шесте светски сили, но се закани дека ќе ги збогати своите резерви на ураниум доколку за 60 дена светските сили не успеат да договорат нови услови, односно да ги заштитат иранските нафтени и банкарски интереси од американските санкции.
Британија, Франција и Германија – западноевропските страни во нуклеарниот пакт – го критикуваа „несаканиот“ чекор на Иран и го предупредија да не го напушта договорот.
Русија, која е уште еден потписник на договорот, оцени дека Вашингтон е виновен за одлуката на Иран.
Кина, пак, од своја страна неделава соопшти дека САД „дополнително ги влошиле“ тензиите околу нуклеарното прашање на Иран.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Генг Шуанг, истакна дека Кина го почитува тоа што Иран „строго го спроведува“, нуклеарниот договор од 2015 година, од кој американскиот претседател Доналд Трамп се повлече пред една година. Ганг рече дека Кина ги повикува сите засегнати страни да се воздржат од ескалација на тензиите.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој важи за остар и најголем противник на Иран на Блискиот Исток, изјави дека неговата земја нема да му дозволи на Иран да поседува нуклеарно оружје.
– Изутрината слушнав дека Иран планира да продолжи со својата нуклеарна програма. Ние нема да дозволиме Иран да произведе нуклеарно оружје. Ќе се бориме со тие што сакаат да нѐ убијат – истакна Нетанјаху.
Во контекст на актуелните настани, Амбасадата на Исламската Република Иран во Македонија во изјава за „Нова Македонија“ даде свое видување на случувањата.
– Исламската Република Иран во средата врз основа на членовите 26 и 36 од Нуклеарниот договор или Заедничкиот сеопфатен план на дејствување (ЈЦПА) одлучи да ја запре продажбата на вишокот тешка вода и збогатен ураниум во странство. Оваа постапка е врз основа на Нуклеарниот договор и во рамките на договорот со што Исламската Република Иран и понатаму останува во договорот. Запирањето на продажбата на вишокот материјали е одговор на раширените и нечовечки санкции на Америка и пасивноста на Европа да му овозможи на Иран да ги искористи придобивките што произлегуваат од овој договор. Основниот елемент на Нуклеарниот договор беше укинување на сите санкции и неусвојување на нови во замена за суспендирањето на нуклеарните активности од страна на Иран, при што со повлекувањето на Америка и усвојувањето на нови санкции дури и во поголеми размери од минатото, всушност ги затвори сите можности Иран да може да ги искористи придобивките од договорот – велат од амбасадата.
Оттаму истакнуваат дека Исламската Република Иран е подготвена за преговори со инволвираните страни во Нуклеарниот договор за наоѓање решение и враќање на условите од пред 8 мај.