Во Венеција официјално е отворен павилјонот на Македонија со проектот на Музејот на современата уметност (МСУ) „Субверзија во црвено“ на авторката Нада Прља, во рамките на 58-та Интернационална ликовна изложба, која за посетителите ќе биде отворена од 11 мај до 24 ноември. На отворањето се обрати министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој кажа дека е посебно горд што Македонија е меѓу 90-те национални учесници на овој светски уметнички настан од највисок ранг.
– Низ годините, уметниците се покажаа како едни од нашите најдобри амбасадори. Сигурен сум дека тоа ќе биде потврдено и годинава – рече тој на отворањето на македонскиот павилјон, кој е сместен во палатата „Рота Иванчич“ во Венеција.
Оваа палата е познато историско место, во оваа благородничка палата, сместена во срцето на Венеција, Адриана Иванчич ги читала љубовните писма од славниот Ернест Хемингвеј. Таа била неговата последна муза. Инаку, објектот е отворен за изложби од 2009 година кога тука беше сместен мексиканскиот павилјон на Венециското биенале.
Проектот на Прља зборува за можната иднина, поради што тој крие и една блага утопистичка идеја за подобро утре за сите нас. Нада Прља е визуелна уметница, која во моментот живее во Копенхаген, пред тоа во Скопје го формираше и го коуредуваше уметничкиот простор СИА, а пред тоа, пак, петнаесетина години престојуваше во Лондон, паралелно, нејзините дела беа изложени во десетици града низ Европа.
Нејзиниот проект е во форма што се развива. Првиот дел од проектот веќе бил изведен во Лондон во галеријата „Калверт 22“ и неговата цел е вклучување на теоретичари на социјалните состојби и уметноста. Тие не се само во улога на промотори на проектот, туку се интегрален дел на проектот, всушност дел од уметничкото дело, така што нивната улога во проектот е суштинска. Нејзиниот интерес за учење од минатото и неговата инкорпорација во сегашноста се вклопува во темата на годинашното биенале, „Може да живееш во интересни времиња“, определена од главниот куратор Ралф Ругоф.
Проектот на МСУ и Прља беше избран за национален претставник на Венециското биенале од комисија на Министерството за култура, која го издвои од другите три пријавени на конкурсот поради „тематската одредница и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи“. Според комисијата, „Субверзија во црвено“ е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на биеналето. Комисијата ги имала предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Министерството за култура издвои 4.000.000 денари за претставувањето на проектот на МСУ на Биеналето во Венеција.