Во Тел Авив почнува да се чувствува евровизиската атмосфера. Градот се полни со илјадници евровизиски обожаватели, има околу 1.500 акредитирани новинари, пејачите од 41 земја-учесничка веќе ги направија првите проби, а се склопуваат и првите пријателства во евровизиското село
Нашата годинашна евровизиска претставничка, Тамара Тодевска, во Тел Авив, по успешната прва проба, дадените интервјуа за неколку евровизиски сајтови и за други медиуми, заедно со својот тим посветено се подготвува за втората проба, која ќе се одржи в петок.
– Тамара и сите во екипата сме во одлична форма. Сите чувствуваме позитивна енергија и посветени сме на настапот во полуфиналето на 16 мај и секој на свој начин се труди да го даде својот максимум. Им благодариме на сите за искрената поддршка и на добрите желби со кои нѐ испратија од Скопје. Втората проба е на 10 мај, а нѐ очекува и свеченото отворање на „Евровизија 2019“ и приемот кај градоначалникот на Тел Авив, Македонската вечер, настапот на Тамара во „Евроклубот“ со други евровизиски некогашни и сегашни учесници на 13 мај и, секако, многу средби, интервјуа, контакти со евровизиските обожаватели – ни рече Коста Петров, пиар на македонскиот евровизиски тим и автор на текстот на „Proud“, која го напиша заедно со сопругата Сања.
Во Тел Авив се и тројцата композитори на „Горда“ – Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазара Цветковски, како и Јана Бурчевска, која пред три години беше дел од овој престижен фестивал.
– Во Тел Авив одлично се чувствувам, градот ми е некако близок. Едвај чекам на 16 мај да застанам на сцената на „Експо-центарот“ и да ги излеам сите емоции насобрани во мене. Драго ми е што во „Proud“ многу луѓе се пронајдоа, што толку емотивно ја доживуваат. Кај мене секоја изведба предизвикува ежење и секогаш сум на работ да заплачам. Таа не е само феминистичка песна, таа е за сите ранливи луѓе, кои и покрај сѐ решаваат да им се спротивстават на проблемите во животот – изјави Тамара за евровизискиот сајт „Вивиблог“.
Таа на сцената се појави во долг смарагднозелен фустан, креација на дизајнерот Александар Ношпал, кој исто како и Тамара има големо евровизиско искуство. Ја дизајнирал облеката на неколку наши претставници: девојките од групата „Икс-икс-ел“, Каролина Гочева и Тоше Проески.
– Иако имаше и позитивни и негативни коментари за моите досегашни креации, за нив сѐ уште се зборува и тие оставија голема трага, нивните фотографии постојано се појавуваат во медиумите, што значи дека не се заборавени, а тоа за мене како автор е најважно. Одлучив да соработувам со Тамара, пред сѐ затоа што сме многу блиски и сакав и јас да придонесам за успешното претставување на нашата земја на овој избор – вели Ношпал.
Пејачката навистина изгледаше многу впечатливо додека ја исполнуваше баладата „Proud“ на евровизиската сцена, додека на шесте огледала зад неа се отсликуваше нејзиниот лик. Придружните вокали: Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев, овој пат само се слушаат и не се гледаат на бината.
Инаку деновиве во Тел Авив почнува да се чувствува евровизиската атмосфера.
Градот се полни со илјадници евровизиски обожаватели, има околу 1.500 акредитирани новинари, пејачите од 41 земја-учесничка веќе ги направија првите проби, а се склопуваат и првите пријателства во евровизиското село.
Меѓу водителите на фестивалот е и познатата израелска манекенка Бар Рафаели, а дел од годинашното издание се и некои од досегашните победници и учесници како: Верка Сердучка, Менс Зермерлов, Кончита Вурст, Линда Мартин, Шарлот Перели и многу други. Најавени се настап на ланската победничка Нета, која ја донесе „Евровизија“ во Израел, и промовирање на нејзина нова песна, свое мини-шоу ќе има и Дана Интернешенел, а за финалето е најавен настапот на поп-кралицата Мадона.
Според организаторите, сѐ е максимално безбедно, па и покрај некои закани за терористички напади, нема место за загриженост и за паника.