На денешната прес конференцијата која се одржа во 11 часот во фоајето на Националната опера и балет, по повод отварањето на 47-ми Мајски оперски вечери, беше најавена премиера на најновата продукција на операта „Аида“ од Џузепе Верди.
На прес конференцијата беа присутни директорот на НОБ, Васо Ристов, диригентот Енрико Довико од Италија, уметничката раководителка на Балетот, Олга Панго и уметничката раководителна на Операта, Бисера Чадловска.
Операта „Аида“, утревечер ќе ги отвори Мајските оперски вечери и ќе ги затвори, традиционално на 31 мај. Оваа претстава од Џузепе Верди овој пат е во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова и е најавена како спој на визуелната иновација со традицијата, футуристичка виртуелна сценографија која ќе ја одведе публиката во светот на древниот Египет, а Чадловска најави 3-Д проекции како дел од претставата.
Целата продукција од Џенова е донесена во Скопје и изведбата на претставата ќе биде со интернационална екипа. Главната улога, Аида, на отварањето ќе ја толкува Благица Поп Томова, а на затварањето ќе ја игра рузинката Олга Романко. Ќе настапат и Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ќе ја толкува Владимир Саздовски, додека во улогата на фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова.
Диригентот на претставата, Довико, освен што говореше за самата опера и приказната на Аида, тој исто така сподели дека оваа изведба во Скопје ќе се разликува од изведбата во Џенова, во тоа што оркестарот нема да се наоѓа целосно на сцена, туку дел од него ќе биде во оркестарската школка. Тој нагласи дека оваа претстава е микс на традиционално и модерно, и додаде дека е многу задоволен од дисциплината на Оркестарот на НОВ.
На прес конференцијата беше најавен и останатиот дел од програмата на Мајските оперски вечери. Покрај „Аида“, публиката ќе може да ужива и во „Риголето“ (18 мај) и „Травјата“ (28 мај), исто така опери од великанот Џузепе Верди.
Изведбата на „Риголето“ е во режија на Нина Најденова од Бугарија, додека пак диригент е Алесандро Д’Агостини од Италија. Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија, а во улогата на Џилда ќе настапи сопранот Линда Кампанела од Италија. Во улогата на Војводата од Матова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.
За изведбата на „Травијата“, со оркестарот ќе диригира Филип Павишиќ од Хрватска додека режијата е на Верена Штојбер од Германија. Главната улога на преубавата Виолета Валери ќе ја толкува Сања Керкез, оперската дива од Белград, Србија. Благој Нацоски ќе ја толкува улогата на Алфред Жермон додека во улогата на Жорж Жермон ќе настапи Отар Накашидзе од Грузија. Улогата на Флора ја толкува Николина Јаневска.
Покрај нив, ќе биде изведена и „Лучија од Лемермур“ на Гаетано Доницети (15 мај) Диригент е Најден Тодоров од Бугарија, режијата е на Лев Пулиезе од Италија, костимограф е Марија Пупучевска. Во главната улога како Лучија ќе настапи првенката Ана Дурловски. Италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, добитник на многубројни интернационални награди ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Ифрим Космин од Романија. Во улогата на Рајмондо ќе настапи гостинот од Србија Иван Томашев, солист на Националната опера во Белград, а во улогата на Артуро Марјан Николовски. Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски ќе ги видиме во улогите на Ализа и Нормано.
На 22 мај пак, публиката ќе може да ужива во избедбата на „Боеми“ на Пучини, овој пат под диригентската палка на Оливер Балабурски, во режија на Дејан Прошев. Во улогата на Родолфо ќе настапи добро познатиот тенор Иван Момиров од Бугарија. Цветелина Василева од Бугарија со својот уникатен лирско-драмски сопран ќе ја изведе улогата на Мими, додека пак Валдис Јансонс од Латвија ќе настапи како Марчело, Андреа Ѕаупа од Италија во улогата на Шонар, додека заводливата Мизета ќе ја толкува Катерина Стојановска, а Владимир Саздовски во улогата на Колин.
На програмата исто така се најде и балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски која ќе се одигра на 12 мај. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет, со голема балетска кариера. Во улогата на Ротбарт ќе настапи Давиде Буфоне од Италија. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, задолжена е за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл.
На офф-програмата која ќе се одржи од 15 мај до крајот на месецот, ќе биде поставена изложбата „Божествена симбиза“ посветена на првенката на Операта, Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), една од основоположниците на македонската оперска сцена, а на 20 мај, на платото на НОБ, на отворено ќе се одржи видео-проекција на „Ана Болена“ од Доницети во изведба на Виенската државна опера по повод 150 години од нејзиното основање.
Овогодинешниот фестивал ќе биде затворен на 31 мај со повторна изведба на Вердиевата Аида под диригенство на Диан Чобанов од Бугарија, диригент со богата Европска кариера. Во главните улоги ќе настапат русинките Олга Романко како Аида и Ирина Долженко како Амнерис. Во улогата на Радамес ќе настапи првенецот Ѓорѓи Цуцковски додека во улогата на Амонасро ќе настапи Анџело Веча, гостинот од Италија. Улогата на Фараонот ќе ја исполни Александар Стефаноски.
Ирма Башеска Ристовска