Борбата за поголеми работнички права е наша заедничка заложба, сплотени, да изградиме просперитетна, граѓанска држава, еднаква за сите, вели премиерот Зоран Заев во честитката до сите граѓани на Република Македонија по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.
Тој истакнува дека основно право на човекот е да биде заштитен и сигурен на работното место, а одлика на секое цивилизирано и современо општество е почитување и вреднување на сечиј труд подеднакво.
– Одлучни сме и посветени на градењето еднакво општество за сите, а грижата за стандардот на работниците е еден од нашите приоритети. Подготвени сме силно да го поддржиме развојот на домашните претпријатија, бидејќи само мотивирани работници може да ја креираат економијата, да бидат нејзин двигател. Само така можеме да обезбедиме квалитетен живот, достоинствени работни места, пристојни плати и пензии, напредна и просперитетна Македонија, порачува премиерот Заев во честитката.
Во честитката по повод 1 Мај, Заев ја нагласува социјалната и економската инклузија за која вели дека мора да се одвива паралелно со реализација на приоритетите на Владата за економски раст и развој, со креирањето нови работни места и со зголемувањето на конкурентноста на пазарот на труд.
– Нека ни е честит Меѓународниот ден на трудот. Да продолжиме заедно да ја градиме социјалната држава која ја пропишува нашиот Устав, да ги направиме сите чекори за решавање на социјалните аспекти на нашето живеење. Пред речиси една година најавивме и изминативе месеци тоа се случува, враќање на државата, на нашата Македонија во рацете на работниците и на граѓаните. Да ја градиме заедно Македонија како земја на можности за сите, демократска и просперитетна држава, достојна за живеење, потенцира премиерот Заев во честитката по повод 1 Мај.