Втората лига по ранг во Англија е една од најнапорните во светот во која играат 24 тима. За место во плејофот конкурираат екипите од третата до 10-та позиција, а за опстанок од 18 до 22-та
По малку во сенка на гламурозната Премиер-лига во Англија се игра и втората по ранг фудбалска лига Чемпионшип, една од најнапорните во светот, во која се натпреваруваат дури 24 тима. Сезонава е една од најинтересните, бидејќи по 44 кола за едно од првите две места, што значат директен пласман во Премиер-лигата, како и за четирите што водат во плејофот, конкурираат повеќе тимови. Двете првопласирани екипи директно одат во повисок ранг, а за третото место ќе разигруваат екипите од третата до шестата позиција на табелата.
Во моментов лидер и речиси нов премиерлигаш е Норич (88 бода), кој игра во одлична форма сезонава, но малку падна во форма во последно време и ја одложи промоцијата во повисок ранг по четирите ремија по ред. За пласманот во Премиер-лигата, од која испадна во 2016-та, фудбалерите на Норич (во зависност од бројот на одиграни натпревари) ќе добијат бонус од 10 милиони фунти (11,55 милиони евра), кој им беше ветен пред почетокот на сезоната.
На втората позиција што води директно во Премиер-лигата е Шефилд јунајтед (85 бода), три повеќе од третопласираниот Лидс (82 бода), чиј член е македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, кој е стандарден првотимец, настапи на сите досегашни натпревари сезонава и постигна седум гола, плус пет асистенции. Лидс, кој последен пат играше во Премиер-лигата пред 15 години, ги загуби двата последни натпревари, дома од Виган (0-1), потоа на гости од Брентфорд (0-2).
За место во плејофот конкурираат и екипите од четвртата до осмата позиција. ВБА, кој моментално е четврти (77 бода), и Астон Вила на петтата (75) се речиси сигурни за плејофот. Астон Вила на мечот против Милвол (1-0) го собори 109 години стариот клупски рекорд од 10 победи по ред. За шестото место, кое исто така води во плејофот, конкурираат Дерби и Мидлсбро (имаат по 67 бода), Бристол (66), Шефилд вензди (63), па и Свонси (62).
На дното на табелата (испаѓаат три екипи) работите малку се расчистија. Ипсвич (28 бода) и Болтон (32) веќе се испаднати, во Лига 1. Ним можеби ќе им се придружи Милвол (43), евентуално Рединг (46).
Финецот Тему Пуки (29), првиот стрелец на Норич и во Чемпионшип, со 27 гола и 10 асистенции на 39 меча сезонава беше прогласен за фудбалер на сезоната во Чемпионшип. Пуки, кој пристигна лани во Норич, од данскиот Брондби како слободен играч, доби повеќе гласови од Били Шарп од Шефилд јунајтед и од Че Адамс од Бирмингем. За најдобар млад играч во Чемпионшип беше прогласен центархалфот на Норич, Макс Аронс (19). Менаџер на сезоната е Крис Вајдер од Шефилд јунајтед. Играч на сезоната во Лига 1 е Џејмс Колинс, напаѓачот на Лутон, а во Лига 2 е Џејмс Норвуд од Транмере роверс.
Алиоски шест недели надвор од терените
Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повредата на менискусот на мечот Лидс – Брентфорд (0-2) во понеделникот. Во меѓувреме Алиоски беше опериран по што ќе мора да паузира шест до осум недели. Тоа значи дека тој ќе ги пропушти последните два натпревара од регуларниот дел од шампионатот во Чемпионшип. Покрај тоа Алиоски нема да настапи и на следните два меча за Македонија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020, со Полска со Австрија во јуни.
Моментно Лидс е третопласиран, со три бода помалку од второпласираниот Шефилд јунајтед. В недела Лидс игра дома со Астон Вила, а во последното коло сезонава, на 5 мај му гостува на последнопласираниот и веќе испаднат Ипсвич. Во Премиер-лигата ќе се пласираат двете најдобри од дивизијата Чемпионшип, а следните четири тима ќе разигруваат за уште едно место во елитата.
Второлигашкиот бараж е најбогатиот натпревар во светскиот фудбал?
Финалниот плејоф-дуел на дивизијата Чемпионшип за пласман во Премиер-лигата на Англија е закажан за 27 мај на стадионот „Вембли“ во Лондон, кој е со капацитет од 90.000 места. Претходно во двете полуфиналиња ќе играат трето и шестопласираниот, односно четврто и петтопласираниот тим, на 11 и на 14/15 мај. Во минатогодишното финале, Фулам – Астон Вила (1-0) на „Вембли“ имаше 85.243 гледачи, а Фулам инкасира 170,3 милиони фунти (197,6 милиони евра).
Тој меч се смета за најбогатиот натпревар во светскиот фудбал. Тимот што ќе се пласира во Премиер-лигата може да заработи и до 200 милиони фунти. Според некои пресметки, таа сума може да се зголеми и до 280 милиони фунти (325 милиони евра) во следните три години, доколку новиот премиерлигаш не испадне уште по првата сезона.
Доколку клубот испадне од Премиер-лигата само по една сезона, според т.н. „падобранска исплата“, за намалување на штетата добива надомест од 41,6 милион фунти (48,3 милиони евра). Клубовите што и во втората сезона се надвор од Премиер-лигата добиваат нови 34 милиони фунти (околу 40 милиони евра). Ова се лански бројки, кои можеби ќе бидат повисоки, бидејќи сезонава стапува во сила новиот тригодишен договор за домашните ТВ-права во вредност од над пет милијарди евра.
Премиер-лигата е најбогатата фудбалска лига во светот и пласманот во неа носи вистинско богатство. Лани, 20-те премиерлигашки клубови имаа загарантирани приходи, најмалку по 94,7 милиони фунти (110 милиони евра), а шампионот Манчестер сити инкасира 149,4 милиони (173,3 милиони евра).