Постизборните пребројувања и анализи на постигнатите резултати на кандидатите во првиот круг на претседателските избори, освен што ја евидентираа тесната резултатска разлика меѓу Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова, на извесен начин покажаа недоследност во поддршката на концептот – консензуален кандидат, зад кој застана владејачката коалиција СДСМ – ДУИ. Освоените 56.473 гласа на консензуалниот кандидат Стево Пендаровски во општините со доминантно албански гласачи, што е 17,43 отсто од неговиот вкупен резултат во првиот круг, аналитичарите ги оценуваат како недоволен придонес на коалицискиот партнер ДУИ во спроведувањето на идејата за консензуалниот кандидат. Споредено со претходните циклуси на избори, каде што ДУИ настапувал со свои кандидати, кои освојувале речиси двојно повеќе гласови од овие во првиот круг за Пендаровски, укажува дека албанските гласачи сепак не му ја укажале во доволна мера својата поддршка на консензуалниот кандидат. Интересен е случајот во Дебар, каде што кандидатот за претседател на ДУИ, Пендаровски, освои 3.160 гласа. Од друга страна, пак, нивниот кандидат за градоначалник во Дебар, Херукан Дураку, освои 4.106 во првиот круг од вонредните локални избори во општината, со што го доби првиот круг од изборите со 272 гласа повеќе од неговиот противкандидат од Алијансата на Албанците, Арбен Аголи. Претпоставките се дека албанските гласачи, без оглед на тоа за чии партиски поддржувачи се сметаат, сепак се одлучиле својот глас да му го дадат на единствениот кандидат – Албанец во првиот круг на претседателските избори, професорот Блерим Река, кој беше поддржан од Алијанса за Албанците и крилото на движењето Беса на Билал Касами. Од неговите вкупно 79.915 гласа, дури 76,51 отсто се од албанските општини.
Сепак и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Сиљановска-Давкова, која не инсистираше на етничката консензуалност во својата програма, освои 28.124 гласа во општините каде што мнозинството граѓани се од албанскиот етникум, што претставува само 8,8 отсто од вкупниот број гласови што таа ги освои во првиот круг. Сите овие согледувања, одат во прилог на заклучокот дека во првиот круг потфрли концептот за консензуален кандидат, онака како што беше претставен од политичките партии. Прашањето е зошто?
– Несомнено, идејата за кандидат зад кој ќе застанат политички фактори од сите етнички заедници е добра. Но по првиот круг на претседателските избори, може да се констатира дека потфрлија ангажманите на субјектите, кои формално застанаа зад овој проект. Притоа, недостигот од ангажман не се однесува само на ДУИ, како застапник на оваа идеја од албанскиот политички блок, туку и на сите други партии-претставници на другите етничките заедници, кои се во оваа коалиција, што формално застанаа зад концептот за консензуален кандидат – вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.
Наспроти анализите и согледувањата на политичките аналитичари, од партијата ДУИ се задоволни од својот придонес во изборниот резултат од првиот круг на Стево Пендаровски.
– По направената целосна анализа апсолутно сме задоволни од нашиот придонес, кој беше пресуден за победата на консензуалниот кандидат за претседател Стево Пендаровски. Вториот елемент е Дебар, каде што уште во првиот изборен круг извојувавме победа. И третиот елемент е целосното фијаско и потфрлување на турбо-фолклорната опозиција со историски најслаб резултат на еден албански кандидат на претседателски избори и тоа без противкандидат Албанец – изјави за медиумите Артан Груби, организациски секретар на ДУИ, истовремено ветувајќи дека активистите на ДУИ втората половина од кампањата ќе ја поминат на терен, меѓу структурата, за да му обезбедат на Пендаровски сигурна победа на 5 мај.
Од друга страна, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, висок функционер на Алијанса за Албанците, која го поддржа професорот Блерим Река како претседателски кандидат, вели дека актуелната влада на ДУИ и СДСМ добила порака од граѓаните дека нивниот консензуален кандидат е пропадната инвестиција. Притоа порача и дека во владејачката коалиција „грешат кога мислат дека се подразбира оти гласовите на Блерим Река ќе одат повеќе за СДСМ“.
– Испративме порака, но и порака од народот добивме дека не помина консензуалниот кандидат што го промовира ДУИ, тој е пропаднат проект што не помина кај Албанците – вели Таравари.
Гледиштето на Таравари го потврдија и лидерите на Алијанса за Албанците и Беса, Зијадин Села и Биљал Касами, кои велат дека резултатот на нивниот кандидат, Блерим Река е порака на Албанците кон албанските елити на власта.
– Ако премиерот и натаму продолжи да биде заробен и да ги брани албанските криминалци, само за тие да му служат нему, тој треба да знае дека ќе го повлечат во дупката во која тие се одамна паднати – сликовито изјави лидерот на Беса, Биљал Касами.
На сите учесници во трката за место во претседателската палата им е јасно дека успехот на изборите во вториот круг во одредена мера ќе зависи и од наклонетоста на албанските гласачи. Притоа, реална е опасноста да не биде постигнат и цензусот за одзив на 40 отсто од запишаните гласачи во избирачкиот список.
– Многу е важно на 5 мај да се добие претседател на државата. Во кампањата пред вториот изборен круг, сите треба да се потрудат да им објаснат на граѓаните дека непостигнувањето цензус ќе има негативни последици и ќе води кон институционална криза во државата. Таквата криза може да ги загрози шансите за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но исто така и на започнатиот процес за ратификација на протоколот за полноправно членство во НАТО, во парламентите на земјите-членки на Алијансата… Ако изборите се покажат неуспешни, ќе треба да се распишат и да се организираат други избори за четириесетина дена. Се прашувам дали по евентуален неуспех на овој изборен циклус, ќе може да се убеди избирачкото тело да учествува на повторени избори? Во таков случај државата сигурно влегува во политичка криза. Затоа, многу е важно да се добие претседател на државата во овој изборен циклус – вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.