САД размислуваат да ја пренесат својата воздухопловна база од Турција во Грција, ако Анкара не се откаже од набавката на рускиот противракетен систем С-400, изјави за „Катимерини“ американскиот сенатор Боб Менендез.
Во интервју за грчкиот весник, демократскиот сенатор укажува дека со ова Вашингтон ќе покаже дека се грижи, како за својата, така и за национална безбедност на сојузниците, во согласност со Членот 5 од договорот за НАТО.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Менендез сепак се надева дека тоа нема да се случи.
– Не очекуваме дека Турција ќе застане на тенок мраз. Но, ако го направи тоа, ние ќе сториме се што е во наша моќ да ја заштитиме нашата и националната безбедност на нашите сојузници, соодветно на Членот 5 од договорот за НАТО, изјави тој.
Според него, Вашингтон е подготвен да ја пресели својата база Инџирлик од јужна Турција во Грција, но се надева дека „односите со Анкара нема да дојдат до таму“.
Како што е веќе познато, Турција и Русија во декември 2017 година потпишаа договор за набавка на противракетниот систем С-400. Според Менендез, Москва треба да и испорача на Анкара две батерии С-400, што ќе бидат управувани од турски воен персонал кој треба да помине обука во Русија.
Исто така, Турција има намера да започне воено – техничка соработка со Москва за можно започнување на производство на руски противракетни системи во Турција.
Турција е членка на НАТО и истовремено соработува со Русија, иако НАТО уште од 2014 година е во конфронтација со Москва, каква што досега немало од времето на Студената војна.
Менендез и неговиот републикански колега, сенаторот Марко Рубио, деновиве се во официјална посета на Атина.
Двајцата сенатори се автори на Законот за безбедносно и енергетско партнерство во Источниот Медитеран, со кој треба да се укине американското ембарго за извоз на оружје за Никозија и да се придонесе за зајакнување на безбедноста на Грција и Кипар, но и да се подобри енергетската безбедност во регионот.