Тотенхем се пласирал во следната рунда во ЛШ на последните девет настапи на кои славел во првиот меч. Сити, пак, по загубен прв дуел во нокаут-фаза, обезбеди пласман во следната рунда претходен пат во сезоната 1970/71. Добрата околност за Манчестер с. е тоа што годинава ги доби сите 12 меча дома

Тотенхем беше подобар во првиот четвртфинален меч во сеанглискиот дуел против Манчестер сити во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и заслужено победи со 1-0. Премиерниот европски меч на новиот супермодерен стадион на Тотенхем го одбележаа неколку работи. Пред сѐ, голот на Сон Хеунг-мин, одбранетиот пенал на Уго Лорис (три од три одбранети пенали во 2019-та), кој го „прочита“ Серхио Агуеро во 13-та минута, како и, за многумина стручњаци, почетниот, по малку „мешан“ состав, што го изведе Пеп Гвардиола во кој ги немаше Кевин де Брујне и Лирој Сане.

Некои ваквата претпазливост на Гвардиола ја протолкуваа како обид да не им се случи истото што и лани кога Ливерпул во првиот четвртфинален меч на „Енфилд“ ги прегази во првите триесетина минути кога постигна три гола. На ова треба да се додаде и тоа дека Сити бил поразен на сите пет европски натпревари (три од нив во ЛШ) против екипи од Англија.

Тотенхем победи и има предност пред реваншот во Манчестер. Во нивни прилог оди и статистиката, оти успевале да се пласираат во следната рунда во ЛШ на последните девет настапи на кои славеле победа во првиот меч. Од друга страна, пак, Сити бил елиминиран во претходните три нокаут-дуели во кои бил поразен на првиот дуел. Лошата вест за Тотенхем е повредата на зглобот на еден од клучните играчи, Хари Кејн, за кого, според првичните најави, сезонава е завршена.

– Пресреќен сум и многу горд што го постигнав првиот гол на новиот стадион за Тотенхем во ЛШ. Важно е што победивме на двата први меча на овој стадион, а притоа не примивме ниту еден гол – изјави Сон, кој веќе обезбеди место во клупската историја и како стрелец на првиот гол на првиот официјален меч на новиот стадион, на првенствениот со Кристал Палас (2-0) на 3 април.

За Сити, кој не е без шанси во реваншот, напротив, ова беше прв пораз по осум меча. Но историјата вели дека по загубен прв натпревар во нокаут-фазата, пласман во следната рунда последен пат обезбедиле во сезоната 1970/71 во четврт-финалето во тогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) против полскиот Гурник. Добрата околност за Сити што влева оптимизам е тоа што годинава ги добија сите 12 натпревари пред своите навивачи на стадионот „Етихад“


Ливерпул и во третиот меч не прими гол од Порто

Наби Кеита и Роберто Фирмино ги постигнаа двата гола за Ливерпул на првиот четвртфинален меч во фудбалската Лига на шампионите против Порто, дома, по што „црвените“ се поблиску до пласман во полуфиналето. Лани Ливерпул го елиминира Порто во осминафиналето (5-0 и 0-0). Со овој триумф Ливерпул ја продолжи серијата од 21 меч без пораз во европска конкуренција на домашен терен (16 победи и пет ремија) и без примен гол на 12 натпревари.
Од почетокот на ланската сезона Фирмино бил инволвиран при постигнувањето на 21 гол во ЛШ (13 гола и осум асистенции). Поуспешен од него е само Кристијано Роналдо со 24 гола и асистенции.
Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп ја прослави 400-та победа во кариерата како тренер во сите конкуренции, на клупите на Ливерпул (111), Борусија Дортмунд (180) и на Мајнц (109 победи).


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Ливерпул – Порто 2-0
Тотенхем – Манчестер С. 1-0

СИНОЌА
Ајакс – Јувентус
Манчестер ј. – Барселона
реваншите се
идната недела