Насилните исламистички екстремисти имаат трипати поголеми шанси да бидат означени како терористи во споредба со екстремно десничарските напаѓачи, покажуваат резултатите од опсежното истражување на повеќе од 200.000 новински статии и телевизиски преноси.
Истражувањето покажува дека исламистичките напаѓачи се поврзани со тероризам во дури 78 отсто од новинските извештаи за инцидентите, за разлика од десничарите кои извршиле насилни напади, кои се идентификувани како терористи само во 24 проценти од известувањата. Компанијата „Сигнал А1“ анализирала новински извештаи за 11 различни терористички напади што биле извршени во изминатите две години, плус транскриптите од телевизиските и од радиопреноси на дури 80 различни јазици, за да идентификува постојан отпор на медиумите да ги опишат екстремно десничарските напаѓачи како терористи.
– Известувањето за нападите на исламистичките терористи е квантитативно поразлично од известувањето за нападите извршени од терористи на екстремната десница – соопшти компанијата.
Според истражувањето, медиумите биле невообичаено расположени да го означат како терорист десничарскиот напаѓач во Нов Зеланд, кој минатиот месец уби 50 лица во нападите врз две џамии во градот Крајстчрч. Причина за тоа, по сѐ изгледа, е одлуката на новозеландската премиерка Џакинда Ардерн да го квалификува инцидентот како терористички чин, и тоа само шест часа по нападите, што, пак, ги принуди најразличните медиуми да ја следат нејзината позиција, наведува британски „Гардијан“.