Запалениот автомобил со кој е извршена егзегуцијата на Ѓорѓевиќ

Убиството на Иван Ѓорѓевиќ (59) во близина на неговата куќа во Јоханесбург, Јужна Африка (ЈАР), повторно ги отвори прашањата за нерасчистените сметки од српското, но и во балканското подземје, објавуваат српските медиуми.

Ѓорѓевиќ кој е државјанин на Србија, е егзекутиран вчераутро, по, како што пишува српскиот весник „Новости“, „познат српски рецепт“. Тој е изрешетен со автоматско оружје откако излегувал од неговиот „мерцедес“ во областа Брајанстон во Јоханесбург, а егзекуторите по нападот го запалиле автомобилот со кој дошле на местото на злосторството.

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО

Убиството на Србинот повторно ги отвори прашањата за делувањето на српската мафија во Јужна Африка, но засега нема конкретни информации дали Иван Ѓорѓевиќ бил поврзан со некоја ваква криминална организација, односно што работел во африканската земја. Во неговиот автомобил биле пронајдени и фалсификувани документи со различно име од неговото (Лазаревиќ).

Иван Ѓорѓевиќ бил цел на непознати напаѓачи во 2017 година, но тогаш бил ранет и успеал да се спаси. Весникот „Новости“ пренесува дека полицијата тогаш верувала дека влегол во судир со конкурентски клан поврзан со трговијата со дрога. Кога се опоравил од повредите, тој купил блиндирано возило, кое вчера не му помогна повторно да се извлече.

Ликвидацијата на Србинот доаѓа четири дена по погребот на Југослав Смиљкиќ (51), кој исто така беше убиен во мафијашка заседа на 16 март во Јоханесбург. Смиљкиќ на денот на неговата ликвидација, застанал со својот мотор да испрати смс-порака, а во тој момент застанала црна „хонда“, од која две лица го застрелале со автоматско оружје.

Лани, животот во Јужна Африка го загубија повеќе Срби поврзани со различни криминални организации, меѓу нив и Ѓорѓе Михаљевиќ, угледен продавач на дијаманти и злато во ЈАР. Претходно, во април минатата година, во Јоханесбург беше убиен и Милан Ѓуричиќ – Мики, соучесник во убиството на Жељко Ражнатовиќ – Аркан, а беше уапсен и еден од тројцата осомничени за таа егзекуција, Добросав Гавриќ. Подоцна, во Белград беше убиен и Горгије Дармановиќ – Горг, кој исто така живееше во Јоханесбург, а во јули, во истиот град беше егзекутиран и Дарко Кукиќ, за кого медиумите шпекулираа дека има информации за убиствата на Ѓуричиќ и Дармановиќ.