Младиот македонскиот сликар Михаил Корубин, од 16 до 28 април, првпат ќе се претстави во Њујорк на самостојна изложба, која под наслов „Поглед“ ќе биде отворена во галеријата на Македонскиот центар. Корубин ќе изложи 15 дела од голем формат, изработени во последниве три години во техника масло и акрилик на платно.
– Таму каде што сум роден и израснат, пророците, светците и ангелите се со широко отворени очи. Многу генерации гледале во тие очи, а сега нивниот јасен поглед е вперен во мене, кој предизвикува чувство на личен контакт и свеченост, кое постојано ме следи. Во почетокот е само апстракција. Различни линии, бои и ритми се појавуваат на платното и јас интуитивно се препознавам во нив. Секогаш сум во потрага по таа примарна состојба од која енергијата и атмосферата ќе бидат трансформирани во синтеза на емоции од кои ќе се роди погледот. Така започнува мојата бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови, кои истовремено личат на секого и на никого – вели авторот за изложбата, напоменувајќи дека сликите со наслов: „Аура“, „Анима“, „Есенс“, „Катарзиз“…, не се моменти случајно одбрани од неговиот изминат живот, туку се случуваат сега, замрзнати во времето, некаде меѓу пред и потоа.
Михаил Корубин (1986 г.) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во одделот за сликарство. Освен во Скопје, изложувал и во Канада, Франција, САД и во Бугарија.