Енди Бовен и Џек Бурки го имаа најдолгиот боксерски меч во историјата, кој траеше 110 рунди, односно седум часа и 19 минути, на 6 април 1893 година во олимпискиот клуб во Њу Орлеанс, објавува „Винтиџ њуз“.
Победникот освоил шампионски појас за лесна категорија и парична награда од 2.500 долари. Во текот на мечот, Бурки ги скршил двете дланки, а двајцата противници биле толку изморени, што нивните боксерски способности веќе не правеле никаква разлика во борбата.
Мечот започнал во девет часот навечер, а повеќето посетители си заминале околу полноќ, додека многумина од оние кои останале, заспале на своите седишта. Во 108-та рунда двајцата противници веќе не задавале удари и само кружеле еден околу друг, налик на танцување, а во 110-та рунда судијата Џон Дафи предложил мечот да биде завршен без победник и тие да ја поделат наградата.
Според правилата на модерниот бокс, напишани во 1867 година, ваквиот меч не би можел да се одржи, бидејќи еден од прописите предвидува органичување на рундите на три минути, со една минута одмор помеѓу нив.