Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас најавија засилување на меѓудржавната соработка преку повеќе проекти, на нивната заедничка прес-конференција одржана попладнево во Владата.
– Од 17 јуни кога нашите земји го потпишаа Преспанскиот договор, пишуваме историја во неколку наврати. Грција прва го потпиша протоколот за НАТО, деновиве мојот и нашиот пријател Алексис упати повик до ЕУ да ја искористи приликата за да ги победи силите на назадувањето, за победа на политиката на напредок. Кога ќе погледнете од денешна перспектива, гледате пропуштени прилики. Кога ќе погледнете кон иднината, гледате соседи, со храбри одлуки и желба за заедништво. Тоа што изгледаше невозможно денес е реалност. Преспанскиот договор е во полн ек и овозможува да се искористат потенцијалите. Изградената доверба доведе до денешниот Совет за соработка – порача Заев.
Македонскиот премиер го најави и отворањето на нов граничен премин кај Кавадарци.
– Го потпишавме акциониот план за активностите на министрите. Од огромно значење се потпишаните референдуми. За да овозможиме плодоносна реализиција на спогодбата од Преспа го воспоставивме Советот за соработка на високо ниво со кој ќе претседаваат претседателите на владите. Потпишавме договор за отворање на нов граничен премин кај Кавадарци, што ќе даде значителен придонес за уште поголемо зближување на нашите народи. Ќе го отвориме бизнис-форумот со повеќе од 400 стопанственици од двете земји. Со овој форум обновуваме историски простор во кој нашите земји се природно упатени една на друга, се создава можност за инвестициска, културна и трговска размена. Оваа посета и седницата се силен израз на заедничката политичка волја за соработка. Убеден сум дека нашата посветеност и посетата ќе бидат препознаени за поддршка за подобрување на добрососедските односи. Алексис е мој другар и пријател на нашата земја. Препорачувам сите ние да градиме пријателство со Грција, како и со останатите соседи – истакна Заев.
Ципрас порача дека Грција ќе ја поддржи Македонија на патот кон Европската унија, како и дека соработката помеѓу соседите ќе претставува пример за Балканот и за Европа.
– Да преминеме од историјата на спорови, кон историја за која што знаеме дека била синоним за Балканот, да го промениме наративот на поделби, да изградиме наратив на соработка, заедничко разбирање и раст. Цврсто сум убеден дека успехот ќе биде пример за целиот Балкан, но и за Европа. Изгубивме многу време, мораме да брзаме и да ги премостиме сите јазови. Пред извесно време се сретнавме со нашите министри во рамки на првиот состанок на Советот за соработка, која можеби изгледаше невозможна, но денес е реалност, како и акцискиот план кој ги покрива сите сектори за соработка. На ниво на дипломатските односи создадовме амбасади. Грција прва го ратификуваше пристапниот протокол за Македонија во НАТО. Потпишуваме меморандум за разбирање за пристапувањето на Македонија кон ЕУ, кој ќе ни дозволи координација во различни фази, а потоа и соработка и размена на знаења. Имавме можност да разговараме за соработката во НАТО, но и во регионот. Зборувавме и за начините на кои ќе ги подобриме односите во рамки на соработката со другите балкански држави – кажа грчкиот премиер.
Ципрас го потенцираше и значењето од економската соработка договорена во текот на неговата посета на Скопје.
– Најважното прашање беше економијата. Воспоставивме Координативен комитет за соработка, кој ќе ги охрабрува напорите на претприемачите, ќе ги штитиме инвестициите и ќе избегнеме двојно даночење. Среќен сум што продолжуваме со договорите и верувам дека ќе ги затвориме сите прашања, со цел да создадеме цврсти темели за соработка. Важен е начинот со кој отсега ќе имаме институции што ќе вршат надзор за спроведувањето на договорот и ќе имаат меѓусебно разбирање. Нашиот состанок претставува исторички чекор напред за Балканот и за Европа. Ние сме тука да изнајдеме решенија, да гледаме кон иднината, да градиме мостови, наместо ѕидови. Ова е визија која е од клучно значење за Европа и за Балканот. Грција ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините напори за продолжување на реформите за станување на дел од ЕУ. Ние ќе бидеме тука да ве поддржиме, ќе го поддржиме вашето пристапување и целиот процес. Верувам дека денес градиме силно пријателство – заклучи гостинот од Грција.
Ципрас ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Попладне ќе се одржи бизнис-форум на кој ќе се обратат двајцата премиери. М.Ж.