Британската хумористична серија „Сплетки“ сега доживува нова популарност во форма на мјузикл во лондонски Вест Енд. Британците, оптоварени со темата брегзит, со задоволство ја гледаат новата верзија на „Сплетки“, додека носталгично се потсетуваат на старите, поедноставни времиња.
Многу нешта се сменија во Велика Британија откога Дерек-Дел Бој Тротер и неговиот помлад брат Родни во текот на 1980-тите и 1990-тите се бореа да преживеат во суровите услови за живот на улиците на Пекам, во југоисточниот дел на Лондон, препродавајќи секаков вид стока до која можеа да дојдат.
– Сега сме во неверојатно поларизирана состојба, па убаво е понекогаш да се вратиме назад и да ги погледнеме нештата низ розови очила – вели Том Бенет, кој во мјузиклот го игра Дел Бој.
Тој додава дека тоа биле „поедноставни и многу подобри времиња“.
– Ова е мјузикл заснован на една од најдобрите комедии што се напишани кога било – категоричен е Бенет.
Оригиналното сценарио за телевизиската серија го напиша Џон Саливен, чија способност да ги покаже неодоливите „губитници“, се засновува на лично искуство на растење во семејство од работничката класа во јужниот дел на Лондон.
Тој првично прифатил работа зад кулисите во Би-би-си, а сценариото за „Сплетки“ со години му го одбивале.
Една епизода на „Сплетки“ од 1996 година привлекла рекорден број публика во Велика Британија, над 24 милиони гледачи, а серијата на Саливен до мигот кога почина во 2011 година стекна планетарна популарност.
Жителите на денешен Пекам сега се меѓу оние што го полнат кралскиот театар „Хејмаркет“, еден од најстарите во Вест Енд.
Мјузиклот е дело на синот на Саливен, Џим, кој се здружи со актерот и писател Пол Вајтхаус и ги разви идеите што ги остави неговиот татко. Од премиерата на мјузиклот, минатиот месец, досега се продадени 150.000 влезници, а претставите се распродадени до крајот на август. Со тоа е соборен рекордот во брзина на продажба на влезница во театар.
Новите „Сплетки“ досега заработиле над осум милиони фунти.