Оставката на Нурсултан Назарбаев (78) на претседателската функција во Казахстан, со која завршува неговото безмалку 30-годишно владеење, создава амбиент за нејасен процес на сукцесија во централноазиската држава богата со нафта. Но, неговото напуштање на функцијата, веројатно нема да значи дека се откажува од политичката моќ, пренесуваат светските медиуми.
Последниот лидер од советската ера, кој го водеше Казахстан од 1989 година, соопшти дека спикерот на Сенатот Касим-Џомарт Токаев ќе биде в.д. претседател до следните избори во 2020 година.
Назарбаев кој ја држи титулата „лидер на нацијата“, ќе остане запаметен како вешт државник кој внимателно ги балансираше односите помеѓу Кина, Русија и САД, додека животниот стандард во Казахстан бележеше раст. Но, неговата оставка доаѓа по период на економска стагнација и внатрешно незадоволство од неговото владеење. Назарбаев во февруари се соочи со протести преку кои на виделина излегоа корупцијата и економските проблеми во државата.
– Една ера завршува во Казахстан. Беше јасно дека Казахстан влезе во неповратен процес на стагнација, каде што секоја значајна одлука беше одложувана до крајот на владеењето на Назарбаев. Мислам дека системот не може да се смени одвнатре. Казахстан е во неизбежен период на назадување – вели Лука Анчески, експерт за Централна Азија на универзитетот во Глазгов.
Според Анчески, Назарбаев ќе има водечка улога во менаџирањето на процесот на избор на негов наследник, имајќи ја предвид моќта со која ќе продолжи да располага. Ова значи дека Назарбаев ќе продолжи да има важна улога во одредувањето на иднината на Казахстан, особено во надворешната политика, каде што одржува стратешки врски со лидерите на моќните соседи – со рускиот претседател Владимир Путин и со кинескиот претседател Си Џинпинг. Назарбаев, исто така, има добри односи со Вашингтон, со што тој беше поканет на посета на Белата куќа од Доналд Трамп, во јануари минатата година.
Токму балансирањето на односите со соседите ќе претставува предизвик за наследникот на Назарбаев, кој е извесно дека ќе треба да се потпре на искуството на досегашниот претседател на Казахстан.