Наспроти повеќето охриѓани и многубројните граѓани на Македонија, кои се борат да ја зачуваат и некако да ја заштитат единствената, преубава и сѐ уште чиста природа на охридската околина и на езерото, во регионот роварат локални профитери и мангупи што безмилосно газат сѐ пред себе, и како што е познато успеале да стигнат до премиерот, па дури и да го прелажат! Токму овој факт е повод што подолу сакам да му се обратам на господинот премиер со желба да му предочам некои факти, кои можеби не му се познати, а кои мора да ги знае.
Не знам дали сте информирани за неверојатните случувања врз езерото. Имено, во летните месеци во езерото од шахтите /на колекторот/ се прелива фекален отпад, а можеби не сте знаеле, истата таа вода се користи и за пиење. Познато е исто така, дека надвор од сезона не се забележуваат такви хаварии, што се толкува со малата загаденост/отпад/ па, веројатно колекторот некако успева да се „справи“ со малите количества „материјал“, при што цевката останува празна. Засега толку околу колекторот.
Понатаму, нешто за романтично емотивната приказна за извесниот дедо Никола („Банкарот од Пештани“). Околу неговата „надежна“ инвестиција за „развој на туризмот и севкупниот подем на охридскиот регион“. Кон овој „проект“ има многу законски, подзаконски, еколошки и повеќе различни фалинки.
Претседателе, армирано-бетонскиот џин кај Лагадин од П+4+Пот. е изграден на само 8-10 метри од брегот и буквално до самата банкина од регионалниот пат Охрид – „Св. Наум“, инаку еколошки заштитен езерски појас според важечкиот закон, односно зоната од 50 метри од највисокиот водостој до брегот. Овој закон е над сите други, па дури и над лукавствата на локалната и околна мангупарија.
Понатаму, доколку на инвеститорот му се дозволи да ја легализира оваа градба, очекувајте го таканаречениот армиран бетонски синдром од што „болува“ и со кој не може да се справи ниту моќната Шпанија. Имено, медитеранскиот брег на Шпанија, во моментов, е до тој степен девастиран од агресија на градби (бариери меѓу морето и брегот), па земјата како опција предвидува рушење на огромни хотелски комплекси кај Коста Брава, Коста дел Сол и др., за да се обиде да го ревитализира екосистемот. Конечно, и Шпанците сфатиле дека парите не може да се јадат! (Индијанскиот поглавар Црвена Вода оваа порака им ја упатил на белите луѓе, како што ги нарекол, а по невидениот вандализам врз природата на северноамериканскиот континент уште во 19 век). Признавам дека пораката е воодушевувачка со својата далековидост и мудрост.
Во таа насока ако навистина сакате нешто да сторите во овој случај, потрудете се да сознаете кој и како „според законот“ издал одобрение за градба и едноставно постапете во согласност со законот. Нели сме правна држава и потенцијални кандидати за членство во ЕУ?
Поракиве во приложениот текст, уверен сум дека ви ги испраќам од името на сите добронамерни граѓани на РМ, како и резидентите на населбата Лагадин.
Што се однесува, пак, до колекторот, од претходно кажаното, но и од молкот и мистеријата околу неговата функционалност и кондиција, шефот на Владата мора веднаш да постави прашање за неговата состојба, односно функција и да добие точен и недвосмислен одговор од надлежниот управувач со него. Вака никој жив не знае што всушност се случува со овој капитален и незаменлив заштитник на езерото. Во спротивно ќе продолжат шпекулациите на штета на езерото и најдрагоцениот, за среќа, сѐ уште чист екорезерват во земјата.
арх. Томо Писевски