Во таа насока особено се нагласува дека не само што не смеат да се злоупотребуваат природните непогоди за што побогат улов, напротив во такви ситуации ловџиите треба да му ги олеснат тешкотиите на дивечот

Во сoвременото ловство, без разлика на нивото на развој и географската местоположба, ловџиите свесно, низ своите етички норми, однесувајќи се витешки кон дивечот, практично си го отежнуваат патот до посакуваниот плен. Во таа насока особено се нагласува дека не само што не смеат да се злоупотребуваат природните непогоди за што побогат улов, напротив во такви ситуации ловџиите треба да му ги олеснат тешкотиите на дивечот, како на пример да не се лови кога има длабок снег.
Некои од правилата до кои вистинскиот ловџија треба да се придржува ќе ги наброиме понатаму во текстот. Тој никогаш не треба да пука кога дивечот е надвор од дострелот на пушката. Во поединечниот, а особено во групниот лов, не треба да се применува масовен отстрел на дивечот, како ни лов во близината на нивните хранилишта, солишта и поила.

Во случај на ранување на дивечот, ловџиите прво тргнуваат по потрага на истиот тој за да ја видат неговата состојба, па дури потоа продолжуваат со ловот. Пред и за време на ловот треба да се избегнува консумирање алкохол, да се води сметка за сопственото движењето по ловиштето, растојанието од другите ловџии како и правецот на пукање кон дивечот. Патем, со ловџиското оружје треба да се ракува одговорно и редовно да се контролира и одржува. При полнењето или празнењето на пушката, ловџијата не треба да се врти кон своите колеги. Пред секој истрел мора добро да ја процени неговата оправданост и никогаш да не пука ако видикот не му е чист, ниту да пука на дивечот кога се наоѓа пред некој друг ловџија. Во лов треба да се оди во соодветна теренска опрема и обувки, а не во каква било униформа или, пак, во маскирна облека.

Понатаму, вистинскиот ловџија никогаш не оди во лов неповикан, не се нуди да биде повикан и како гостин никогаш не води со себе други непоканети ловџии. Без одобрение на домаќинот на ловот, гостинот не го води со себе ни своето ловџиско куче. Ловџијата што ќе го носи кучето во лов, одговорен е за неговата обученост и за однесување во ловиштето.


Карашот и кострежот активни на Вардар

Како што нѐ информираа рибарите што беа присутни на потегот од селото Долно Лисиче до селото Бадар, во овој период карашот најмногу удирал на мамката калифорниски црв, а поретко на бело лепче, кострежот, пак, строго јадел црн црв

Изминатиот викенд рибарите што беа по течението на реката Вардар, поточно од потегот на селото Долно Лисиче до селото Бадар, можеа да се пофалат со богат улов на риба, каде што многу беше активен карашот, а изненадувачки добро удирал кострежот.
Како што нѐ информираа рибарите што беа присутни во овој реон периодов, карашот најмногу „удирал“ по мамецот калифорниски црв, додека поретко на бело лепче. Кострежот, пак, строго јадел црн црв.

– Убаво беше да се биде викендов тука и да се ужива во богатиот улов на риба, заедно со многу мои колеги. Можам да се пофалам со вкупен улов од 6 до 7 кг риба, а парчињата беа со тежина од 100 до 300 грама. На тоа, секако, му одеше во прилог сончевото време, а и водата беше топла, што придонесуваше активноста на рибите да биде голема. Се надевам дека и во претстојниот викенд временските услови ќе бидат добри и повторно ќе имам богат улов на риба – ни изјави еден од риболовците.

Во овој реон викендов, исто така, беше активна и риболовната чуварска служба. Како што бевме информирани, тие го провериле ова риболовно подрачје и на рибарите што немале дозвола за фаќање риби за овој реон им биле одземени рибарските легитимации.