Премиерот на Грција, Алексис Ципрас на крајот од месецов или почетокот на следниот ќе го посети Скопје, јави дописничата на МИА од Атина, повикувајќи се на високи грчки владини извори.
Ципрас со патувањето кај нас, воедно ќе биде првиот претседател на грчката Влада што ќе дојде во официјална посета на Република Северна Македонија.
Патувањето во Скопје го најави самиот Ципрас минатиот петок за време на неговото обраќање на Економскиот форум во Делфи, а грчките медиуми пишуваа дека ќе биде на почетокот на следниот месец. Оваа информација, денеска ја потврдија грчки владини извори дека премиерот на Грција, на крајот на март или почетокот на април ќе ја посети Северна Македонија. Конкретниот датум, се уште не е одреден.
Премиерот Зоран Заев, вчера изјави дека постои желба од двете страни за средба, но оти немаат дефинирано датум за посета на премиерот на Грција Алексис Ципрас.
– Потврдено е дека од двете страни постои желба прво да се случи посета на премиерот на Грција Алексис Ципрас овде во Скопје, а после тоа да имам и јас возвратна посета. Немаме фиксирано датуми, штом ќе ги договориме веднаш ќе ги соопштиме, рече Заев.
Заев посочи дека, останува отворено на гостинот кој треба да определи кога е возможно за него да се случи посетата.
– Ние сме тука. Од 1 април почнува кампања, значи тука сме. Ќе ни биде драго вака висок гостин, прв премиер од Република Грција, која е нашиот јужен сосед и голем пријател, да ја посети Република Северна Македонија и нашиот главен град Скопје, изјави вчера на прес-конференција премиерот Заев.