Магдалена Ковилоска има само 11 години, а веќе го покажува својот талент за музика. Веќе три години ги совладува тајните на музицирањето на флејта кај професорката Мартина Пашоска во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп.
Настапува на повеќе музички настани што се одржуваат во родниот град, а за нејзиниот талент потврда е што лани освои прво место на државниот натпревар.
Случајно избрала да свири на инструментот оти ѝ бил необичен.
– Многу сум среќна кога ќе ја земам флејтата в раце, кога музицирам со неа. Најмногу сакам да свирам дела од композиторите Телеман и Моцарт – вели Ковилоска.
Таа не ја исклучува можноста по завршувањето на основното образование да продолжи во средно музичко училиште.
Ова амбициозно и вредно девојче и во редовната настава ниже успеси. Шестоодделенка е во ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и трудољубиво ги завршува сите свои обврски.