Деца, сте ги виделе ли весниците на пролетта? Сте ги виделе ли, прашувам. Молчите. Се смешкате… Значи, сте ги виделе. Тие се, како што знаеме, жолтиот дрен, кокичето, качунката, кукурекот, темјанушката и да не набројувам повеќе! Кога тие ќе се појават и ќе нѐ погалат со својата смеа, тогаш пролетта излегува од својот замок под небесната стреа и триумфално тргнува на пат. Тргнува и, додека по патот патува и сватува, ние се наоѓаме во состојба на очекување, зимата – во состојба на подготовка за заминување. Зошто е тоа така, природата знае. Знае и играва од зборови, во која дренот и качунката водат разговори…
ДРЕНОТ: Ведро небо, студен ден… Здраво, здраво, јас сум дрен! Цутам жолто и со сјај, украс сум во секој крај!
КАЧУНКАТА: Ти си украс, јас сум знаме!
ДРЕНОТ: Какво знаме?
КАЧУНКАТА: Сино-бело, од нежности цело! Со него, на јуриш, се пробив низ снегот и сега сум знаме на зимата преку раме и украс на брегот!
ДРЕНОТ: На кој брег?
КАЧУНКАТА: На секој и на овој, на кој, покрај мене, стоиш и ти…
ДРЕНОТ: Стојам и чекам… Да се зажариш…
КАЧУНКАТА: Од што да се зажарам?
ДРЕНОТ: Од тлеење, од смеење, од ветрово пеење….
КАЧУНКАТА: Не зборувај сешто! Во играва нема место за ветрово пеење!
ДРЕНОТ: Знам дека нема, но така се вели.
КАЧУНКАТА: И да се вели… Ветрово пеење не постои. Постои само ветрово фучење и завивање. Пример за тоа е северко…
ДРЕНОТ: Знам. Тој ѝ е придружник на зимата што ни ја застудува климата и затоа е најгласен, најстрашен и најсвиреп… Таков е, особено спрема нас – весниците на пролетта!
КАЧУНКАТА: Знаеш ли зошто е спрема нас таков?
ДРЕНОТ: Не знам, но претпоставувам…
КАЧУНКАТА: Не претпоставувај! Таков е спрема нас, зашто ние сме првите што го потсетуваме дека е време да си ги испразни чашите, да си ги дојаде кашите и заедно со зимата, фатени подрака, како невеста и девер, да отпатуваат на далечниот север… Тоа е единствената причина зошто толку нѐ мрази!
ДРЕНОТ: И да нѐ мрази, не ни може ништо! Ние сме весници на пролетта што ќе долета!
КАЧУНКАТА: Од каде ќе долета?
ДРЕНОТ: Од својот дворец што се наоѓа зад седум езера, зад седум гори, зад седум мориња и зад седум зори!
КАЧУНКАТА: Но тоа нели е многу далеку?
ДРЕНОТ: Далеку е, но до него патот е отворен и рамен, покриен со сјај од најцветен пламен!
КАЧУНКАТА: Ако е таков, како што кажуваш, со смев ме озаруваш! Пролетта е кралица! Има круна и трон… Природата ја буди од зимскиот сон!