Лоренцо Инсиње изјави дека е горд што ја носи капитенската лента во Наполи, во пресрет на дерби-натпреварот против Јувентус, во 26-то коло на италијанската фудбалска Серија А. Дваесет и седумгодишниот фудбалер ја наследи улогата на капитен од Марек Хамшик кој замина во Кина во зимскиот преоден рок.
– Станав нов капитен на Наполи по заминувањето на Хамшик, и јас сум горд на тоа. Хамшик влезе во историјата на клубот. Може да се смета само како пример. Горд сум што играв со него – истакна Инсиње во изјава за Скај Спорт Италија.
Капитенот на Наполи вели дека дербито со Јувентус ќе биде исклучително тешко како на психолошки план така и од физички аспект. Второпласираниот Наполи утре го пречекува Јувентус (од 20.30 часот), кој е лидер на табелата со 13 бодови предност и без пораз во досегашните 25 коло.