Одлуката каратето да не биде дел од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година е уште поизненадувачка поради тоа што токму на ЛОИ во Токио в година каратето првпат ќе биде олимписки спорт, што беше дочекано со голема еуфорија
За каратистите, карате-работниците и за љубителите на овој атрактивен борбен спорт како бомба одекна веста дека каратето нема да биде дел од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Образложението, патем и не многу уверливо, е дека карате-правилата не биле доволно јасни, па затоа и каратето не било атрактивно. Одлуката е уште поизненадувачка поради факот што токму на ЛОИ во Токио в година првпат каратето ќе биде олимписки спорт, што беше дочекано со голема еуфорија во јавноста. Но по само едни Игри, тоа повторно ќе биде надвор од натпреварувачките олимписки татами. Ова, нормално, предизвика бура од редакции кај каратистите во светот, па веќе е поведена и петиција, односно иницијатива за собирање потписи, каратето сепак да биде дел од ЛОИ 2024.
– Дејствува многу разочарувачки одлуката каратето да не биде на олимписката програма во 2024 година. За мене е жално и сосема нелогично да се вметне на пример брејкденсот како олимписки спорт, на сметка на каратето, кое денес го тренираат над 100 милиони луѓе, а е распространето низ целиот свет. Ова претставува големо разочарување и за сите оние млади каратисти што сонуваат за настап на таа олимпијада. Затоа ќе дадам сѐ од себе да бидам дел од ЛОИ во Токио 2020. Исто така, верувам дека ќе се промени оваа нелогична одлука, бидејќи местото на каратето е во семејството на олимписките спортови. Искрено се надевам дека поведената петиција по ова прашање ќе помогне, оти за краток период веќе ја поддржаа над 15.000 луѓе, а сето тоа сигурно ќе допре до челниците на ИОК и каратето ќе остане олимписки спорт – оптимист е двократниот европски првак и македонски репрезентативец Емил Павлов.
Меѓу најразочараните од оваа најавена одлука, секако, е и Светската карате-федерација (ВКФ).
– Каратето многу силно растеше изминативе години, а ние сѐ уште немаме шанса да ја докажеме нашата вредност како олимписки спорт, оти тоа ќе го направиме на нашиот деби-настап во Токио во 2020 година. Последните месеци заедно со Француската федерација неуморно работевме за да ја постигнеме нашата цел – да бидеме вклучени во Париз во 2024 година. Верувавме дека ги исполнивме сите барања и дека имавме совршени услови да бидеме додадени во олимписката програма, но, сепак, сега дознавме дека нашиот сон нема да се оствари, односно дека каратето ќе биде исклучено од оваа листа и покрај тоа што Франција е велесила во каратето. Имаме федерација и спорт на кој сите сме горди и затоа мора и понатаму да продолжиме да работиме – резигнирано вели претседателот на ВКФ, Шпанецот Антонио Еспиноз.
Каратето е еден од најтрофејните спортови во Македонија, а сигурно и голем адут за олимписки медали во иднина.
– Верувам дека оваа најнова одлука ќе се промени и каратето конечно ќе остане таму каде што и заслужува да биде, а тоа е во семејството на олимписките спортови. Каратето е еден од најмасовните спортови во светот, па сметам дека токму таа масовност нема да дозволи оваа одлука да заживее. Сметам дека ќе помогне и поведената петиција, за која навивам со сето срце, затоа што верувам дека трудот на сите најдобри македонски каратисти ќе се исплати еден ден со настап на ЛОИ – вели македонскиот селектор во борби Сашко Арсовски.
Во Франција денес има повеќе од 255.000 каратисти (55 отсто од нив се под 18 години) и над 5.000 клуба. Триколорите со 15 светски злата на последните четири СП, или вкупно 55, се втора велесила во каратето, веднаш зад Јапонија. На глобално ниво, каратето има 100 милиони вљубеници во 194 национални федерации низ светот. Последното СП во Мадрид во 2018 година беше директно емитувано во 186 држави, со учество на 1.200 спортисти од 131 држава, што доволно зборува.
– Сметам дека одлуката е неправедна и во прашање се заткулисни игри. Нешто слично еден период му се закануваше и на борењето во слободен стил, поради малиот број земји-учеснички. На СП во карате во Париз во 2012 година, кое беше и генерална проба за прием на каратето во олимпиското семејство, сѐ помина во најдобар ред, салата беше полна, борбите ги пренесуваа дури четири телевизии. И правилата тогаш беа истакнати, особено оние кога судиите гласаат со знаменца, за сето тоа да биде многу појасно. Тогаш имавме пет возрасни категории во борби во двете конкуренции, а сега во Токио тие се сведени само на по три. Сето ова, сепак, може да се надмине само ако во светското карате влезат нови и амбициозни раководни луѓе, кои ќе внесат нов свеж капитал, ќе лобираат многу повеќе и, секако, ќе работат со поголем елан отколку досега – вели тренерот на Металург, Мирче Јанушевски.
Брејкденсот е пред вратите на ЛОИ
Брејкденсот, слободното качување, сурфањето и скејтбордот ќе бидат предложени за влез на следните изданија на ЛОИ, што претставува обид на организаторите да ги приближат Игрите до новите генерации. Слободното качување, сурфањето и скејтбордот ќе ги има и на Игрите во Токио. Брејкденсот би бил приклучен на ЛОИ во Париз во 2024 година. Тој веќе беше дел од Младинските олимписки игри во Буенос Аирес во 2018 година. Правото за рамноправно учество заедно со другите спортови, брејкденсот треба да го добие од ИОК во декември 2020 година. На ЛОИ веќе има 28 спорта.