Девет дена по сообраќајната несреќа од Министерството за здравство информираа дека уште еден од повредените пациенти замина на домашно лекување и закрепнување, а еден сѐ уште е во тешка состојба и се наоѓа на Одделот за интензивна нега во градската општа болница „8 Септември“.
– Во врска со состојбата на повредените лица во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово на 13 февруари, информираме дека во моментот во Градската општа болница се наоѓаат 8 пациенти, од кои еден пациент е во тешка состојба и се лекува на Одделот за хируршка интензивна нега, а другите пациенти се во добра општа состојба. Што се однесува до состојбата на повредените, кои се сместени во комплексот клиники, информираме дека на КАРИЛ во моментов се третираат тројца пациенти, од кои еден е во тешка состојба, додека другите двајца се стабилни – информираа вчера од Министерството за здравство.
На Универзитетската клиника за неврохирургија има една пациентка и таа во моментов е во стабилна состојба, а пациентот од трауматологија вчера е пуштен на домашно лекување.
Билансот од сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци е следниот: седуммина од патниците починаа на самото место, а меѓу нив имаше и помлади лица, на возраст од 25 до 30 години. Тешко беше повредена и млада девојка, на која ѝ беше ампутирана ногата. Возачот на автобусот е еден од преживеаните. Во Клиничкиот центар беа примени вкупно пет пациенти, од кои тројца лесно повредени, една од нив е бремена, но е полесно повредена.