Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 отсто, а вкупното производство на сувомесни производи е зголемено за 6,64 проценти по намалувањето на царината за увоз на смрзнато месо за преработка
Зголемен извоз на сувомесни производи, намалување на увозот, поголема искористеност на домашните капацитети, како и пад на цената на дел од домашните сувомесни производи, е резултатот на мерката за намалување на царината за смрзнато месо за преработка што беше воведена минатата година.
Ова беше соопштено вчера по средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши со Групацијата за преработувачи на месо и месни производи при Стопанската комора на Македонија.
– Резултатите ни покажуваат дека сме донеле мерка каква што била потребна. Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 отсто, а вкупното производство на сувомесни производи е зголемено за 6,64 проценти откако е воведена мерката од 1 јули 2018 година – нагласи Анѓушев.
Тој додаде дека во 2018 година се извезени 2,9 милиони килограми сувомесни производи, а во 2017 година 2 милиони килограми, додека увозот лани изнесувал 6 милиони, а во 2017 г. бил 6,7 милиони килограми и констатира дека од земја-увозник нашата држава стана земја-извозник, како и тоа дека нема друга шанса освен брза индустријализација.
– Мерката беше воведена за да ѝ се помогне на преработувачката месна индустрија, која имаше проблем и не беше конкурентна бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомесните производи од странство се увезуваа без царина – појасни Анѓушев.
Министерот за земјоделство, Николовски, истакна дека мерката е продолжена до 30 јуни годинава и дека придонела искористеноста на капацитетите да порасне од 25 на 40 отсто што, пак, од друга страна не го наруши домашното производство.
Претседателот на групацијата, Гоце Трајчев, потсети дека пред воведувањето на мерката, царината била помеѓу 19 и 35 отсто.
– Ова беше делумно ослободување и сегашните резултати нѐ охрабруваат дека тоа може да се зголеми и прошири. Не завршуваме на оваа мерка. Очекуваме да има проширување на повеќе тарифи – рече Трајчев, кој додаде дека во компанијата од каде што доаѓа, МИК – Свети Николе, од воведување на мерката имаат увезено 1.500 тони од кои 400 тони се ослободени, а другото количество не е ослободено од царина.
Мерката, според него, не влијаела негативно на домашното производство на свинско месо бидејќи, како што наведе, домашното производство на свежо месо не е доволно ниту за домашниот пазар.
Претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека ако сакаме, како држава, да ги поставиме работите на место, прво би требало да поставиме класи на производите и задолжителен процент на месо во секоја од нив. И потоа секој потрошувач би можел преку цената да избира која класа ќе ја консумира.
– Производите со пониска класа, им прават сериозна конкуренција на поквалитетните производи. На крајот од таа битка, во која секој преработувач се бори да изнесе на пазарот што поевтин, но и понеквалитетен производ, најмногу губат граѓаните – потрошувачи. Тие се осудени да консумираат безлични преработки, затруени со конзерванси, засилувачи на вкус, и најчесто без месо во својот состав – објасни Станковски.
Претставниците на месната индустрија ги исполнија своите очекувања во однос на овие мерки за зголемување на производството.
– Првпат по толку години добиваме одлука што нѐ спасува од тотален колапс. Капацитетите работеа со 20 до 30 отсто, а наедно сме и дискриминирани во однос на странските увозници. Со оваа мерка на Владата се покажа дека некој во оваа држава мисли и на индустријата за преработка на месо – вели Слободан Кутревски од „Пекабеско“.